Клубот за младински прашања и политики при Собранието на Република Северна Македонија и Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) денеска во Собранието одржаа средба, на која беше постигнат договор за заедничко работење на имплементација на иницијативи за дигитална трансформација на општеството. Тие ќе придонесат да им се обезбеди полесен и подобар живот на младите во земјава, како и да се мотивираат иднината да ја гледаат во својата земја.
На средбата насловена „Дигитализацијата како алатка на младите за воведување нови практики на добро управување“, ИДУЕП претстави повеќе иницијативи во делот на дигиталната трансформација и подобрување на состојбата на младите, и се разговараше за можностите и идните чекори за соработка помеѓу Институтот и Клубот за младински прашања и политики.
„Пред извесно време имавме дебата околу бројките од пописот кои беа загрижувачки во делот на млади и Клубот активно работи на изнаоѓање на политики како да им го олесниме животот на младите да останат во државата. Со ИДУЕП разговаравме околу заеднички иницијативи во делот на дигитализација кои би можеле како пратеници да ги поднесеме до Собранието, истите да бидат изгласани и понатаму да ја следиме нивната имплементација“, изјави Моника Зајкова, пратеничка од ЛДП и координаторка на Клубот за младински прашања и политики.
Претседателот на ИДУЕП и комуниколог Бојан Кордалов истакна дека во оваа соработка со Клубот гледа заедничка платформа која ќе ја стави дигитализацијата на уште повисоко натпартиско ниво, бидејќи дигитализацијата како процес е нешто кое ги држи дел од младите тука.
На средбата беше заклучено дека промената на политичката култура во земјата е единствено можна преку вклучување на младите во сите процеси на локално и централно ниво, поради што соработката на Институтот со Клубот за младински прашања и политики при Собранието може да биде солидна основа за заедничко поттикнување на ваков процес.
Клубот за младински прашања и политики при Собранието се состои од пратеници и пратенички од различни политички партии, кои се на возраст до 35 години.
Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи има за цел промоција на принципите на добро управување, со фокус на транспарентноста, отчетноста и двонасочната комуникација помеѓу властите и граѓаните, како и промовирање и примена на позитивни пракси на дигитализација на локално и централно ниво.
(Meta.mk)
(фото: Piqsels)