Во среда, на 18 мај 2022 година, со почеток во 12:00 часот во Скопје, Фондацијата Метаморфозис организира тридневна Меѓународна конференција за отворени податоци на темата „Податоците и културата на отвореност“ во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско учество.
Конференцијата ќе придонесе во дефинирање на моменталната состојба на отворените податоци во Западен Балкан со акцент на Северна Македонија; истакнување на иновативните и практични решенија засновани на отворени податоци, способни да поттикнат социјално и економско влијание; и создавање на платформа за дијалог и учење во однос на податоците и културата на отвореност.
Конференцијата ќе ја отворат директорот за развој на Фондација Метаморфозис Филип Стојановски, Вршител на должноста претставник на канцеларијата на УСАИД Џејмс Стајн и Министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити. Дополнително, за време на конференцијата експерти на темата од земјата и странство ќе се јават како говорници, тренери и панелисти.
Поканетите практичари, теоретичари и засегнати страни ќе дискутираат за состојбата со творени податоци од јавниот сектор во Северна Македонија и регионот.
Првиот ден ќе се осврне на вредноста на отворената култура и улогата на отворените податоци во неа. Преку сесиите ќе се разоткријат различните аспекти на отворените податоци – од технички до политички и вредносни. За вториот ден се планирани две работилници:
“Новинарство со отворени податоци” и „Патоказ за отворени податоци“. На последниот, третиот ден од конференцијата ќе бидат разменети позитивни примери и успешни приказни поврзани со примената на отворените податоци. Ќе бидат претставени апликации кои користат отворени податоци и ќе се дискутира за концептот на отворените градови.
Целосната агенда за настанот може да ја најдете тука а сите заинтересирани можат да го пријават своето учество на следниот линк. Настанот ќе се одржи со физичко присуство во Хотел Холидеј ИН во Скопје, со почеток на 18 мај 2022 во 12.00 часот а ќе трае до 20 мај 2022 година.
Конференцијата ќе содржи дел со информативни сесии, панел дискусии и две едукативни работилници.
(Meta.mk)
(фото: Metamorphosis)