Научниците успешно засадија растенија на почва од Месечината за првпат во историјата, што претставува важен чекор за можни идни долгорочни престои на земјиниот природен сателит.
Истражувачите користеле мали примероци на прашина собрани за време на Аполо мисиите меѓу 1969 и 1972 година за да посадат еден вид на зелка. На нивно изненадување, растението почнало да никнува по два дена.
„Не можам да ви кажам колку вџашени бевме. Секое растение кое го посадивме, дали на примерокот од Месечината, или на контролната група, изгледаше исто по шестиот ден“, објаснува Ана-Лиса Пол, професорка на Универзитетот во Флорида, која била авторка на истражувањето.
По првичното изникнување се појавиле разлики. Растенијата одгледувани на месечевата почва започнале да покажуваат проблеми, се развивале побавно и овенувале.
Но, за експертите кои биле вклучени во студијата, овој експеримент е револуционерен и велат дека може да има многу значајно влијание и овде на Земјата.
„Ова истражување е клучно за долгогодишните цели на човечкото истражување на вселената на НАСА, бидејќи ќе ни бидат потребни да ги користиме ресурсите кои би ги наоѓале на Месечината и Марс за развој на извори на храна за идни астронаути кои би живееле и би работеле далеку во вселената. Развојот на растенијата е и пример за тоа како НАСА работи на нови земјоделски иновации, кои можат да ни помогнат во сфаќање на тоа како растенијата можат да ги надминат лошите услови во локациите кои се сиромашни со храна и овде на Земјата“, објаснува шефот на НАСА, Бил Нелсон.
Еден од предизвиците за научниците е тоа што едноставно нема премногу месечева почва со која може да се експериментира. Во периодот од три години по 1969, астронаутите на НАСА донеле 382 килограми на месечеви камења, песок и прашина од месечевата површина.
Тимот од Универзитетот во Флорида добил 1 грам почва по растение за нивниот експеримент, од примероците кои биле складирани со децении.
НАСА планира да спушти луѓе на Месечината за првпат по 1972 година во мисија која е закажана за 2025 година.
Извор – Радио МОФ
Фото – Универзитет во Флорида