Компанијата Bellmondo на Светлана Пешовска се дигитализира! Со иновативен софтвер ќе дизајнира уникатни чевли по вкус на клиентот!

- Advertisement -

Креирањето и дизајнирањето на чевли по желба и потреба на купувачот, изборот на калапи, бои и материјали, со примена на напредна технологија е уникатната можност која македонската компанија „Белмондо“ ќе им ја понуди на своите клиенти. „Белмондо“ го донесе првиот софтвер за 2D и 3D дизајн на чевли во земјава, за кој Светлана Пешовска, коосновач и менаџер на компанијата вели дека е само почеток на нивниот пат за освојување на европскиот пазар.

Новинар – Сања Наумовска

- Advertisement -

Г-ѓа Пешовска, Вашата компанија „Белмондо“ започна со развој на софтвер за дизајн на чевли. Кажете ни повеќе детали за проектот.

Се работи за проект кој опфаќа целосна реализација на еден нов модел, почнувајќи од софтверски дизајн на чевлите, разработка на шаблони, градирање, односно развој на нумерација и комплетирање со кроењето, кое се врши на најсовремена комјутерска машина за кроење.

- Advertisement -

Софтверот веќе го користиме и во моментот сите нови модели кои се работат се направени со помош на новата технологија во која инвестиравме. Досега имаме развиено повеќе од 20 прототипи, но тука не застануваме, имаме безброј идеи и продолжуваме понатаму да ги развиваме. Во моментов работиме со 2D дизајнирање, а наскоро воведуваме и 3Д софтвер.

Што се однесува до развојот на софтверот, тој е дело на една од најдобрите компании за развој на софтвер, Cad Cam Cutting Systems – Teseo од Италија. Тие на ова поле усовршуваат технологија повеќе од десет години.

- Advertisement -

„Белмондо“ овој проект го реализираше со поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој, кој го препозна потенцијалот и можностите што ги нуди технологијата за развој на нашата компанија и генерално на индустријата за производство на чевли во земјата. Од вкупната инвестиција 48 отсто е поддршката од Фондот, а 52 отсто од вложувањата се сопствени средства на нашата компанија.

Кои се придобивките од овој иновативен проект што ги очекувате за „Белмондо“, а кои за вашите клиенти?

Придобивките се огромни и обострани. Ние добиваме на време и брзина во реализацијата во делот на развојот на нови колекции и ги кратиме трошоците за реализација на секој нов модел, што пак ни остава простор за нови инвестиции и развој на поголем број модели и поголема конкурентност на домашниот и на странскиот пазар.

Како што знаеме во Македонија е мала побарувачката, па за развој на нова колекција по old school методите, без помош на технологија и машина за компјутерско кроење, трошоците за секој нов модел се огромни. А резултатот и реакцијата на пазарот се неизвесни, заради што никогаш не знаеме дали моделот ќе помине кај купувачите и дали продадената количина ќе успее да го покрие трошокот за негов развој. Така што, навистина очекуваме со примената на модерната и иновативна технологија, да си ја олесниме работата, да развиваме многу нови модели и да се шириме.

Секако, огромна придобивка ќе има и за клиентите. Ние и до сега сме работеле по принципот custom made каде клиентите сами бирале модел, боја или комбинации на бои за еден модел, но тоа било со многу повеќе ограничувања. Сега таа можност ја креваме на едно повисоко ниво, со многу повеќе можности.

Најавувате и отварање на shoe designing room. Што ќе им понудите на купувачите?

Идејата ни е да дизајнираме чевли заедно со купувачот и да му го дадеме нему задоволството да го одбере тоа што сака да го носи. Да го креира чевелот од своите соништа, да одбере калап кој му одговара, боите, материјалите, комбинациите. Нашата улога е да го скенираме и дизајнираме калапот во 3D софтвер, да ги внесеме сите негови желби и на купувачот да му презентираме виртуелен 3D модел, за она што го замислил и посакал да го види како изгледа како краен продукт. Секако, оваа можност ќе биде остварлива наскоро, штом се заврши обуката за 3D дизајнирање.

Планирате ли да воведувате напредна технологија и во други проекти врзани со вашиот бизнис, откако ги видовте продобивките од софтверот за дизајнирање?

Изминавме долги години во работа, предизвици, тешкотии и успеси кои не натераа да сонуваме за еден ваков проект, што ќе ни овозможи да напредуваме и да се развиваме. Во моментот го реализираме тој сон и даваме се од себе да биде што поуспешен. И секако, не планираме да застанеме тука, чекор по чекор, планираме развој и на нови технологии. Плановите ни се во иднина нашите производи ги пласираме надвор од Македонија под брендот Bellmondo. Особено, таргет ни е европскиот пазар, бидејќи сметаме дека добро ги познаваме вкусовите и дека може нашите модели можат да бидат одлично прифатени.

Колку време постои „Белмондо“, колкави се вашите капацитети?

Нашата компанија постои од 2011 година. Ја раководиме јас и мојот сопруг Боки и можам да кажам дека секојдневно лавовски се бориме да успееме. „Белмондо“ има два производни погони, во Крива Паланка и во Штип и вработува повеќе од 80 вработени, врвни професионалци во својата работа, без чиј ангажман не би имале вакви одлични производи. Најголем дел од нашето производство е лон производство за странски брендови и помал дел нашиот сопствен производ под брендот Bellmondo.

Сподели!
- Advertisement -