Здравствено-економска проценка на возењето велосипед на ниво на Град Скопје, е најновото истражување што го спроведува Институтот за јавно здравје. За сите заинтересирани граѓани објавен е анкетен прашалник што може да се пополни онлајн и кој е целосно анонимен. Одговорите добиени од прашалникот ќе се користат за научно-истражувачки цели, со кои ќе се определат здравствените и економските ефекти од возењето велосипед.
Од Институтот за јавно здравје очекуваат дека истражувачките резултати што ќе се добијат ќе бидат фактор при идното креирање на општествени политики и стратегии како во делот на транспортот, така и во однос на здравјето на граѓаните.
„Доколку користите велосипед како превозно средство или пак рекреативно на територијата на Скопје, без разлика колку често, оваа анкета која одзема неколку минути е токму за вас. Секој одговор е важен за добивање на поверодостојна, релевантна и сеопфатна слика за состојбата на оваа тема“, се наведува во поканата до сите заинтересирани граѓани за одговарање на онлајн прашалникот.
Инаку, возењето велосипед веќе е познато дека има бројни предности не само за самите индивидуи, туку и за целото општество. Покрај тоа што е најевтин начин на превоз, велосипедот воопшто не го загадува воздухот и е превозно средство кое не емитува стакленички гасови. Влијае позитивно на здравјето кај граѓаните кои го користат велосипедот и има бројни други предности, но во многу земји во континуитет се прават истражувања за да се моделираат нови економски, здравствени, социјални, еколошки и други политики.