На речиси половина од територијата на Европа ѝ се заканува суша, се наведува во извештајот на Заедничкиот истражувачки центар (ЈРЦ) на Европската комисија, пренесува Ал Џазира Балканс.
Во извештајот се наведува дека на 10 август, 47% од европската територија го достигна нивото на предупредување за суша, додека 17% од испитаните региони се во состојба на целосна готовност.
Истражувачите велат дека сушните услови се поврзани со ретките врнежи од дожд и бројни топлотни бранови од мај наваму, кои предизвикаа намалување на нивото на реките низ Европа.
Намалените количини на вода, исто така, имаа негативно влијание врз енергетскиот сектор, како за производството на хидроенергија, така и за системите за разладување на другите електрани.
Сушата значително ги намали приносите на земјоделските култури, а најпогодени се пченката, сојата и сончогледот, велат истражувачите.
Во извештајот се наведува дека регионите каде што условите најмногу ќе се влошат, се оние кои веќе беа погодени од суша во пролетта годинава, на пример северна Италија, југоисточна Франција и некои области во Унгарија и Романија.