„Тиквеш“ годинава со рекорден откуп и највисока просечна цена

- Advertisement -

Заврши годинешната берба и откупот на винско грозје во винарската визба „Тиквеш“. Оваа година „Тиквеш“ откупи најголема количина грозје во однос на минатите години. Воедно, водејќи се од стратегијата за обезбедување висок квалитет, постигната е највисока просечна цена по килограм досега.

Во рамки на годинешниот откуп, заклучно со 30. септември, „Тиквеш“ прими рекордни 32 милиони килограми квалитетно грозје, што е близу една третина од целокупниот откуп во државата. При тоа, постигната е просечна откупна цена од над 15 денари за килограм, што е повеќе од 11% повисока од минатогодишната.

- Advertisement -

Дополнително, во согласност со својата стратегија и определба да го стимулира и наградува производството на висококвалитетно грозје кое е неопходно за производство на врвни вина, „Тиквеш“ и оваа година понуди 50% повисоки цени за грозјето со висок квалитет, произведено согласно светските стандарди и критериуми за квалитет, како и дополнителни три денари за килограм грозје предадено во гајби.

– Она што нѐ прави особено задоволни оваа година е квалитетот на откупеното грозје, што е резултат на зајакнувањето на партнерскиот однос на винарницата со лозарите. Оваа година процесот на договарање и потпишување договори за откуп започна уште во мај, три месеци пред стартот на бербата, при што „Тиквеш“ потпиша околу 2.800 договори за партнерска соработка, обезбеди препарати и средства за заштита по пониски цени, стручни совети и едукација за начинот како лозарите да постапуваат во процесот на одгледување и заштита на лозјата, а обезбедени се и флексибилни начини на исплата на откупеното грозје во многу пократки рокови од оние кои се дефинирани со закон. Се вршеа и лабораториски и сензорни анализи, со цел да се осигура дека грозјето се одгледува според светските стандарди и критериуми за квалитет. Сите овие спроведени активности придонесоа „Тиквеш“ и оваа година да откупи грозје со посакуваниот квалитет, кој е предуслов и гаранција за високиот квалитет на вината на „Тиквеш“ – објаснуваат одговорните во „Тиквеш“.

- Advertisement -

Средствата кои беа најавени од државата за поддршка на винарниците, „Тиквеш“ ќе ги искористи за интернационална промоција и подобро позиционирање на виното на странските пазари.

Сподели!
- Advertisement -