Годинава ќе бидат фрлени како отпад 5,3 милијарди мобилни телефони, вели Меѓународниот форум за отпадна електрична и електронска опрема, а јавува „Би-Би-Си“.
Оваа проценка базирана на податоците за глобалната трговија го истакнува растечкиот еколошки проблем со таканаречениот „е-отпад“.
Истражувањето покажало дека многу луѓе, наместо да ги рециклираат, ги чуваат старите мобилни телефони. Поради тоа, скапоцените минерали кои не се извлекуваат од отпадната електроника, како што се бакарот во жиците или кобалтот во батериите, треба да се ископуваат.
Истражувањето покажало дека во светот има околу 16 милијарди мобилни телефони, додека во Европа една третина од телефоните повеќе не се користат.
Од Форумот додаваат дека електронскиот отпад, кој вклучува машини за перење, тостери и таблет компјутери, ќе порасне на 74 милиони тони до крајот на оваа деценија.
„Овие уреди нудат многу важни ресурси кои можат да се користат во производството на нови електронски уреди или друга опрема, како што се турбини на ветер, батерии за електрични автомобили или соларни панели“, вели Магдалена Чаританович од Меѓународниот форум за отпадна електрична и електронска опрема.
Во моментов, нешто повеќе од 17 отсто од светскиот отпад се рециклира правилно, но Меѓународната телекомуникациска унија на Обединетите нации постави цел процентот да се зголеми до 30 отсто.
Извор – Мета
Фото – Flickr