Општина Вевчани соопшти дека со проектот за развој на одржлив туризам „Vevcani Green” е вклучена во натпреварот сто прикзани за зелени дестинации Top 100 Good Practice Stories на Green Destinations.
Секоја година, натпреварот собира одржливи туристички приказни и добри практики од дестинации ширум светот за да бидат споделени како инспиративни примери, а дестинациите добиваат признание за решенијата што ги имплементирале како одговор на предизвиците и проблемите со кои се соочуваат. Со оглед на тоа што туристичкиот сектор се соочува со многу предизвици во изминатите години, треба да се слави издржливоста и напорната работа на овие дестинации да станат поодговорни.
Вевчани претставува еколошки и геолошки уникатен локалитет со силно негувана традиција, култура и природни богатства. На планината Јабланица има шуми кои имаат особено високи природни вредности. Дополнително, Вевчанските извори, кои се наоѓаат на надморска височина од 960 метри, составени од седум помали извори кои се спојуваат и го сочинуваат текот на реката Матица (Вевчанска Река), како и пештерата од која извираат, се вистинска реткост на оваа мала заедница.
Општина Вевчани е управител на заштитеното подрачје Споменик на природата „Вевчански извори” за што има изработено план за управување по кој постапува управителот. Како мала општина, Вевчани се соочува со предизвици за спроведување на плановите поради недостиг на човечки и финансиски капацитети. За таа цел, програмата за зачувување на природата, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка, координирана од Фармахем и МЕД почна со воведување концепт за плаќање на екосистемски услуги како еден од начините за обезбедување финансиска одржливост на заштитените подрачја.
Извор – Вработување.мк