Отворен е повикот за аплицирање за иницијативата „DiscoverEU“, дел до програмата Еразмус+ која им дава можност на младите да ја откријат Европа преку учење. Преку оваа програма младите имаат можност да патуваат бесплатно, претежно со воз, и да ги откријат пејзажите и разновидните градови и места во Европа, пренесува агенцијата Мета.
Заинтересираните учесници можат да аплицираат во два круга, а на успешните апликанти им се доделува билет за патување.
Повикот се однесува на 18-годишните жители на Европската Унија, но можат да се пријават и лица кои доаѓаат од трети земји поврзани со Еразмус+ програмата, меѓу кои е и Северна Македонија.
„DiscoverEU ви нуди можност да учествувате во патувачко искуство кое ќе ви овозможи да ја истражите различноста на Европа, да учите за нејзиното културно наследство и историјата и да се поврзете со луѓе од целиот континент. Понатаму, DiscoverEU ви овозможува, како млад човек, да развиете животни вештини вредни за вашата иднина, како што се независност, доверба и отвореност кон другите култури“, велат од иницијативата.
Новина од годинава е што избраните учесници ќе добијат и картичка за попусти која ќе може да се користи при културните посети, активностите за учење, спортување, локален превоз, сместување и храна.
Новата рунда на апликации започна минатиот вторник и ќе трае до 25 октомври, а може да се аплицира на овој линк. Од Делегацијата на Европската Унија во земјава соопштија дека за овој круг се предвидени 35.000 билети.
Право на учество имаат младите кои се родени во периодот помеѓу 1 јануари 2004 и 31 декември 2004 година и кои се жители на Европската Унија или на трети земји поврзани со Еразмус+ програмата, односно Северна Македонија, Србија, Исланд, Лихтенштајн, Норвешка или Турција. Младите можат да се пријават сами или пак во групи од најмногу 5 лица.
Доколку бидат избрани, учесниците ќе можат да патуваат низ Европа во период од најмалку еден, а најмногу 30 денови, и тоа во периодот помеѓу 1 март 2023 година и 29 февруари 2024 година.
Повеќе информации за иницијативата, начинот на аплицирање и условите можат да се најдат на следниов линк.