Маријана Милевска – директорка на ПРЕДА Плус фондацијата во интервју по повод отварањето на повикот за учество во првата наменски креирана програма која ќе отвори нова ера во финансиската индустрија кај нас.
FINTECH START-UP програма е наменета за сите заинтересирани програмери, основачи на финтек старт-ап компании, продукт менаџери …. како и сите вие вљубеници и иноватори во новите финансиски трендови.
За неа е предвиден награден фонд 3.000 евра / ваучер, а секој учесник ќе добие обука за Design Thinking вредна 1.000 евра и сертификат за истата, бесплатно менторство од еминентни, домашни и интернационални професионалци на 48 часовен хакатон кој ќе се организира на крај на ноември 2022, презентација на проектите пред потенцијални инвеститори на инвестициски нетворкинг ивент, простор за дискусија за трендовите и идните перспективи на темата Иднината на Fintech и се разбира, многу нови контакти и одлична забава
Новинарка / Верица Јорданова
ПРЕДА Плус фондацијата изминатите неколку години се наметна како сериозен арбитер кој реши да ги отклучува потенцијалите на луѓето и бизнис идеите и да создава промени, креирајќи пелагонски стартап екосистем кој сметавте дека и е потребен на заедницата. Какви мотиви имавте на тие почетоци, а какви реалности гледате сега?
ПРЕДА Плус од 2014 до 2018 работеше со седиште во Скопје и играше важна улога во креирањето на целокупниот стартап екосистем. Но, предизвик ни беше да се развие стартап сцена и во Битола како втор ИТ хаб со огромен потенцијал од страна на ИТ бизнис сектор како и студенти на Факултетот за ИКТ. Иако на почеток имаше скепса дека стартап програми и раздвижување на целиот регион ќе биде тешко, на последниот повик за учество на програмата #IodBitolaseмoze за 20 обезбедени места, имаше огромен итерес од 56 пријави.
Докажавте со Битола стартап проектот и познатата серија настани под мотото „И од Битола се може„ дека е можно будење. Што е она што сега го продолжувате како некој природен ред?
После пет програми кои беа без тематски фокус, иако успеавме да испровоцираме охрабрување на иновативни луѓе со одлични стартап идеи, сметавме дека оваа програма треба да има фокус. Се одлучивме за иновации во финански услуги најмногу заради интересот и од бизнис сектор и од индивидуалци кои се активни на стартап сцената. Моментално отворен е повикот на ПРЕДА Плус фондацијата за учество во првата наменски креирана стартап програма која ќе отвори нова ера во финансиската индустрија кај нас на www.predaplus.eu/startup
Кој се може да учествува на овој нов повик?
Повикот е наменет за сите заинтересирани програмери, основачи на финтек старт-ап компании, продукт менаџери и иноватори во новите финансиски трендови. Географиски отворен е за цела Македонија, студенти и дипломци, a во врска со возраста нема граници. Она што најмногу го вреднуваме при евалуација на стартап идеја покрај иновативноста и можноста за раст е тимот.
Што ги советувате и како ги мотивирате учесниците за хакатонот?
Хакатонот ќе биде темпиран настан каде маратонски за 48 часа, тимовите водени од ментори се тераат да излезат од својата комфор зона и под притисок на време да ја креираат или подобрат својата идеја. На сите тимови им посакувам да искористат најмногу од она што следува: реална работна динамика со многу непрекинати саати работа на идејата, запознавање нови луѓе, ментори и потенцијални инвеститори. Најдобриот тим секако ќе привлече не само 3.000 евра награда, но и преговори со потенцијални инвеститори кои ќе бидат присутни на самиот хакатон во Битола, кој ќе се случи во Финтек Хабот на првата финтек компанија формирана од македонски капитал, СН финансии, со седиште во Битола, викендот од 25-27 ноември.
Ова е прв Финтек хакатон во Македонија. Зошто го избравте овој сектор?
Оваа година тематски избравме да биде хакатон во Финтек од две причини. Едната е заради моќта на финтек да го менува начинот на кој секој еден бизнис се води, а и животите на секој поеднинец. А, втората исто така важна причина е заради интересот на бизнис секторот како и стартап заедницата.
Имате поддршка и од реалниот бизнис сектор. Како ви успева тој линк на соработка меѓу „малите и големите„?
ПРЕДА Плус е организација која веќе 20 години работи партнерски проекти со приватен сектор затоа што компаните ги креираат работните места и создаваат иновации. Најважно за нас е да бидеме во тек со трендовите и предизвиците со кои приватниот сектор се среќава. Ние до сега не сме подготвиле проект од канцеларија, напротив секогаш се консултираме и научени сме добро да слушаме. Ги менуваме важните работи заедно.
Која е листата на ментори и предавачи во фазата на подготовка. Планирате и гости спикери од странство
Најпрво, тимовите ќе си ги ,,избрусат” идеите на 5-дневна обука за Design Thinking создавање на прототип, на хакатонот фокусот е на технолошко подобрување на решението главно со ментори професионалци од тука, но и од Грција, Бугарија. Секако ќе има и ментори за дадени бизнис теми како инвестиции и интелектуална сопственост. Се радуваме и на гостинката од владата на Естонија која ќе ни раскаже како се создава светска старап нација. Нејзиното доаѓање е поддржано од страна на Швајцарската програма за претприемништво.
Тврдите дека можете да им помогнете на овие тимови кои ќе учествуваат на хакатонотот да пронајдат нови или да ги унапредат постоечките мотори на раст и развој. Дали е можно низ вакви проекти да се менуваат важните нешта заедно?
Важни работи се човечкиот капитал, и за еден стартап, и за компанија, и за целото општество. Стартап тимот и нивните вештини, или ќе ја пораснат идејата, или ќе ја убијат. Претенциозно е да се каже дека хакатонот, сам по себе, ќе направи чуда од една идеја. Но можностите за учење, линковите кои се креираат, мрежата на инвеститори докажано го забрзуваат растот на една идеја.
Македонија е позната по недостаток на инвестиции, кои се еден од факторите кои го кочат развојот на стартапите. Исто така домашните компании немаат пракса за вложување во стартапи. Како да се надмине ова?
На стартапите не им одговараат традиционалните извори за финансирање, а факт е дека кај нас се ограничени можностите. Но и тоа се менува. Македонски стартапи стануваат привлечни и за странски фондови. Радува фактот дека стартап основан во Битола неодамна привлече 2 милиони евра од високоризични фондови од Бугарија, Хрватска итн. Има примери и на инвестиции од бизнис ангели и големи компании, што значи идејата и тимот се важни на крајот на денот.
Како новите генерации да ги препознаваат хакатоните како прилика да се докажат и креативно да се изразат, а се разбира притоа да имаат и забава?
Хакатоните се секогаш препознаени од младите како омилен начин на учење, од проста причина што се различни од учење во училница и пред се заради забавата и запознавањето на нови луѓе.
Колку очекувате дека ќе имате комплетни тимови кои ќе одговорат на предизвикот. Притоа да ги обединува знаење и вештини од ИТ сферата, а како важен бонус да поседуваат бизнис размислување и креативност
Очекуваме повеќе апликации од досегашни разговори со заинтересирани, затоа што интересот е навистина голем, но ќе мора да одбереме 20 лица или 5-6 тимови на кои ќе го посветиме целото внимание во наредниот месец дена.