Петок, 11 ноември е датумот резервиран за 5. јубилејно издание на најголемиот настан за е-трговија во Македонија – Конференцијата за е-трговија, која оваа година, под мотото „E-commerce: Accelerate!“ добива регионален карактер и на истата се очекува да присуствуваат повеќе од 400 гости – успешни претприемачи, е-трговци, маркетинг специјалисти, директори на компании и владини претставници од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Црна Гора, Бугарија и Хрватска што ја прави уникатна и единствена во регионот во своето петто јубилејно издание.
Во фокусот на конференцијата годинава се четири теми кои се внимателно избрани за да одговорат на потребите на индустријата. Конференцијата ќе биде одлично место за да се научи и дознае повеќе за: можностите кои ги нуди е-трговијата во регионот, промените на навиките кај купувачите предизвикани од е-трговијата, поврзаноста помеѓу податоците, маркетингот и технологијата, како и за вистинските приказни од успешни е-трговци од регионот.
Овие четири главни теми ќе бидат претставени во 6 презентации, 1 неформален разговор, 4 панел сесии и 2 студии на случај.
Сето ова ќе биде презентирано од еминентни светски експерти кои специјално за конференцијата доаѓаат во Скопје од глобално познатите брендови меѓу кои Тик-ток, Гугл, Пејонир, Мастеркард и многу други.
Од домашните говорници, своето искуство на конференцијата ќе го пренесат Ангелина Блажеска, ко-сопственик на мобилната апликација за фитнес – FitKit, Бобан Милосавлески, основач и ко-сопственик на првата автоматизирана платформа за е-трговија во Македонија – Vendor, Дарко Перушески – сопственик на првата македонска национална стриминг платформа – Gley и многу други.
Традиционално, конференцијата ќе заврши со гејмификација, квиз натпревар со вредни награди за победниците. По завршувањето на официјалниот дел, вечерта следува голема роденденска забава за сите присутни учесници на конфренцијата, а утрото на 12ти ноември – искачување на Водно заедно со говорниците и спонзорите на конференцијата.
Комплетната агенда на конференцијата, заедно со имињата на сите говорници и модератори е достапна на официјалната веб страница: https://www.ecommerceconference.mk/agenda/