Делегација на Стопанската комора на Северна Македонија, предводена од претседателот Бранко Азески денеска имаше работна средба со заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ на која се разговараше за зајакнување на соработката на полето на евроинтеграциите и учеството на Стопанската комора во процесот на преговори.
На средбата претседателот Азески потенцираше дека улогата на комората во процесот на преговорите со ЕУ има клучна улога имајки предвид дека транспонирањето на регулативата и обврските кои ќе се преземат треба да ги имлементираат самите компании. Беше истакнато и дека е потребна департизација на институциите, а како пример го наведе Државниот завод за статистика кој има клучна улога во оценката на реалните параметри на државата. Истовремено, на средбата Азески нагласи дека бизнис заедницата очекува земјата во преговарачкиот процес временски да ги усогласи и да не презема обврски кои имаат финансиски импликации за компаниите, во делот на прилагодување со ЕУ регулативата, ако тоа не е потребно, односно може да се одложи за одреден временски период.
Вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ, Маричиќ информираше дека во декември ќе биде организирана јавна расправа за економските поглавја и кластери, каде што анализите и инпутот од бизнис заедницата имаат огромно значење за државата.
Со цел што е можно подобро исполнување на обврските, во следниот период ќе се врши подготовка за вклучување на претставниците на бизнис заедницата во работните групи кои се однесуваат на поглавјата поврзани со слободното движење, трговските марки, индустријата, либерализација на пазари во одредени области (како железницата, поштата) и системот на државна помош. Комората ќе го поткрепува целиот процес на преговори со соодветни анализи и консултации со засегнатите компании како поддршка на нивните барања.
На состанокот беше заклучено дека улогата на коморите, посебно на Стопанската комора на Северна Македонија, како највлијателна бизнис заедница, во процесот на преговарање со ЕУ е од голема важност бидејќи имаат клучна врска со компаниите и ќе обезбедат транспарентност на процесот.