Италијански инвеститор ќе го враќа сјајот на Попова Шапка

- Advertisement -

Италијанската фирма „ТехноАлпин“ од Болцано, специјализирана за системи за вештачки снег, најавува дека Попова Шапка ќе прерасне во реномиран ски-центар.

Италијанската фирма „ТехноАлпин“ од Болцано, специјализирана за производство и инсталирање на системи за вештачки снег, ќе го реновира и ќе го развива ски-центарот Попова Шапка во модерен и реномиран зимски центар. Станува збор за стратешко партнерство, а инвеститорот со кого ќе треба да се склучи договор за давање под концесија понудил проект вреден 186 милиони евра.

- Advertisement -

Планот е да се реновираат постојните капацитети, да се постави систем за правење снег, да се прошири скијачката зона со нови објекти и патеки, но и да се реновираат и прошират хотелите и да се изградат нови хотелски капацитети. Надлежните најавуваат изградба на асфалтни паркиралишта, велосипедски патеки и креирање на други рекреативни активности, со што овој центар ќе добие можност да се вброи во најмодерните европски зимски центри.

Ваквиот предлог е прифатен на вчерашната (24.11) владина седница. Фирмата „ТехноАлпин“ е специјализирана за системи за вештачки снег, дизајн на скијачки терени и скијачки зони, со 30-годишно искуство. Како што стои на веб-страницата на компанијата, таа опслужува над 2.400 клиенти во голем број земји. Има над 600 вработени на 16 локации ширум светот.

- Advertisement -

„Станува збор за голем инвестициски проект што е резултат на нашите напори да ги заштитиме природните вредности, но и да обезбедиме развој. Оваа компанија по направеното истражување понуди амбициозен план за развој, иновации и раст на ски-центарот Попова Шапка кој се карактеризира со модернизација на постоечката ски-зона и нејзино територијално проширување, подобрување на примарната инфраструктура и туристичко сместувачката дејност“, вели министерот за животна средина, Насер Нуредини.

Инвестицијата треба да се реализира почнувајќи од 2023 година и ќе се реализира во 6 инвестициски фази, од кои првата изнесува приближно 55 милиона евра.

- Advertisement -

Туризмот на македонските планини иако доживува позитивен тренд, има потреба од масовно реновирање на постоечките капацитети за да ги исполни тековните стандарди за квалитет што ги бара пазарот. Попова Шапка порано беше предизвик за врвни имиња на зимските спортови, но за жал долгогодишното неинвестирање доведе до сериозно заостанување и неискористеност на бројните можности и капацитети за развој на туризмот што го нуди овој планински предел.

(dw.com)

(фото: Wikimedia)

Сподели!
- Advertisement -