Првата македонска апликација за читање и слушање книги го враќа интересот за читање!

- Advertisement -

Бокси е виртуелна библиотека полна со над 300 наслови на детски книги на македонски, англиски и албански јазик што веќе еден месец функционира на македонскиот пазар. Книгите се достапни за читање или во аудио форма, а апликацијата може да се симне на сите електронски апарати.

Основачите на „Бокси“ Димитар Најденов и Ивана Каралиева Петреска велат дека примарната цел им е да ја вратат љубовта кон читањето кај децата, но и да им го задржат и прошират интересот за учење преку додавање на едукативни квизови, градење на натпреварувачки дух и креативност.

- Advertisement -

Новинар – Сања Наумовска

Колку книги има во библиотеката на „Бокси“ и од кога почна да функционира?

- Advertisement -

Димитар: „Бокси“ постои и ги радува дечињата веќе еден месец, но нашата приказна не започна тука. Апликацијата е првично создадена за нордискиот пазар и таму сме активни и успешни веќе две години. После извонредните резултати кои ги покажа во Шведска, знаевме дека мора да ја донесеме дома.

Виртуелната библиотека е достапна за секое дете, има над 300 наслови на македонски, англиски и албански јазик и бројот континуирано  расте. Во неа може да се најдат најубавите книгички од скоро сите издавачки куќи во Македонија, Светот на Биби, Мимбо Џимбо, Фармерот Борис, Ежето Снеже, Јазовецот Итре, Хити, Лина и Мина, Вонземјанинот Лу-Ру-Су, Сплесканиот зајак, Кралот Арктик, Кралицата и Чудовиштето, Стела и Сани….. и уште стотици забавни сликовници, авантуристички приказни, едукативни книги, басни и поучни четива.

- Advertisement -

Колкав дел од книгите во „Бокси“ се аудио и какви се условите за користење на библиотеката?

Ивана: Секојдневно се работи на зголемување на бројката на аудио-книги. Некои од нашите читатели уживаат во читање на книгичките, а некои во слушање. Целта на „Бокси“ е да им понуди избор како најлесно и на најдобар начин за себе да дојдат до книгите.

Како многу популарни се покажаа аудио книгите на англиски јазик кои ги имаме, а македонските верзии на истите ќе бидат прикачени многу скоро.

Сѐ што треба да направат нашите корисници е да појдат на веб страната на „Бокси“, да направат свој профил, да се претплатат, да ја преземат апликацијата од App Store или Play Store  и за 199 денари месечно да уживаат во стотици книги и бројни игри.

Како се појави идејата да направите ваков тип на библиотека?

Димитар: Сѐ почна од едно прашање, Како да го направиме времето поминато пред екрани корисно за децата? Знаевме дека мора да има поубав и поинтересен начин да ги донесеме книгите поблиску до детскиот свет и така и ја создадовме „Бокси“, со огромна љубов и инспирација од моменталните иновации.

Нашата мисија е да ги донесеме книгите поблиску до дечињата и да ги запознаеме со целата литература која ја имаме кај нас. Добивме пофалби од многу читатели дека пред „Бокси“ не ни знаеле колку многу детски наслови нудат книжарите. Апликацијата е направена за да го разубавува светот на најмладите и конечно да ја разбуди љубовта кон литературата и читањето. Развојот на витуелната библиотека е поддржан од Фoндот за иновации и технолошки развој, соработката со нив тече одлично, а нивната професионалност и експертиза многу ни помогна.

Дали книгите во „Бокси“ се соодветна и за децата со дислексија?

Ивана: Да, во Бокси постои опцијата за адаптација на фонт. Доколку ја добиеме книгата во правиот формат, на неа може да се менува видот на фонтот, бојата и големината. Имаме и книги каде што не е можна адаптацијата, поради самиот формат на книгата. Но, секојдневно се трудиме да направиме сите книги да се адаптабилни. Се разбира, аудио книгите се погодни за сите деца.

Дали сметате дека децата доволно читаат и дали на овој начин ќе бидат поттикнати повеќе да се заинтересираат за книгите?

Димитар: За жал, покрај интернетот, видео игрите и секојдневните обврски на децата, свесни сме дека тие не читаат доволно. Од една страна немаат премногу слободно време, од друга страна и времето кое го имаат најчесто го поминуваат во некои други активности кои им нудат чувство на сатисфакција и им ги оттргнуваат мислите од обврските.

Нашата првична и главна цел е преку апликацијата да го промениме ова и да ги поттикнеме децата своеволно да читаат и да се интересираат за книгите. Идеите кои ги развиваме за идните и моментални карактеристика на апликацијата се стремат да ја постигнат нашата примарна цел.

 

Кои се предностите на „Бокси“ во таа насока?

Ивана: Во однос на тоа што „Бокси“ е апликација која се користи на мобилен телефон или таблет, првичната предност започнува со тоа што овие уреди се секојдневие на децата. Ги користат за учење, забава и навикнати се да поминуваат време на нив. Покрај ова, во самата апликација децата одбираат свој личен аватар кој со помош на поените собрани преку читањето на книги може да го уредуваат, да му купуваат додатоци, облека и миленичиња.

Покрај аватарот, секое дете се пласира на јавна ранг листа каде во зависност од бројот на поените се искачува на повисоки места на листата и добива награди од типот на Барнер наочари, карти за кино, зоолошка и многу други.

Ваквиот начин на гемификација ги мотивира децата активно да читаат, го буди нивниот натпреварувачки дух и воедно ја раѓа љубовта кон читањето која во последно време, за жал, се помалку ја гледаме кај најмалите.

Како планирате да ја збогатувате библиотеката?

Димитар: Библиотека се збогатува секојдневно. Можеме да се пофалиме со голем број на наслови и тој континуирано расте. Најнови ни се стриповите кои се покажаа како апсолутен хит и разбудија и креативна страна кај читателите. Добивме пофалби од родители кои ни кажаа дека нивните малечки ги цртале хероите од стриповите и пробале да создадат свој стрип.

Набрзо ќе имаме и уникатни книги, Boksy Originals кои ќе ги учат нашите читатели за факти од светот на животните, светот на историјата, географијата и други науки. Тука веќе ги вклучуваме нашите аватари како главни ликови.

Исто така, додаваме и едукативни квизови во нашата библиотека. Нивната намена е да ја надополнат мотивацијата кај најмладите. Не само што носат поени, туку и едно убаво чувство на знаење и победа. Им помагаат на дечињата во задржување на фокус и концентрација. Клучни се во градењето на самодоверба и се многу корисни кога станува збор за учење на нови информации. И што е најбитно, квизовите се многу забавни.

Какви се вашите планови за во иднина?

Ивана: Еден од поголемите планови за во иднина е Boksy Kids да премине во Boksy Family, една убава апликација во која ќе биде достапна литература за сите возрасти. Најбитно ни е да создадеме навика за читање кај сите. Телефоните и таблетите да добијат друга намена, а времето поминато на нив да се користи максимално корисно.

Важно е да имаме на ум дека развивањето на дигитални продукти и апликации претставува долгорочен процес. Во моментот сме во фаза на собирање на информации од страна на корисниците на „Бокси“, со цел да ги воочиме нивните кориснички навики, предизвици со кои се соочуваат во текот на користењето, ги ислушуваме нивните желби и идеи за да ги приоритизираме плановите кои ги имаме.

Тимот на „Ретинг“, компанијата која ја создаде „Бокси“, континуирано расте. Веќе за една година, ние станавме четири пати побројни од почетокот. Нашата секојдневна цел е да ја направиме „Бокси“ се подобра и подобра.

Сподели!
- Advertisement -