Регулаторната комисија ги намали цените на електричната енергија во првите два блока за домаќинствата, како и за малите потрошувачи, но цените се објавени без ДДВ, кое од 1 јануари ќе се врати од пет на десет отсто.
Добивај вести на вибер
Со новата одлука на РКЕ, која ќе важи од Нова година, вкупната цена за електрична енергија на малите потрошувачи се намалува 20,15 % и таа цена ќе се применува за 70.000 компании во земјата.
Кај домаќинствата цената на струјата за првиот блок се намалува 4,11 %, за вториот блок се намалува речиси 2,95 %, цената за третиот блок се коригира и се зголемува 0,85 % а за четвртиот блок се зголемува 7,6 %.
„Ова е конкретна мерка, која носи значително намалување на трошоците за струја, како што мали дуќани, фризерници, мали кафулиња, на оние што им треба помош. 99 % од домаќинствата ќе имаат намалени цени на електрична енергија. Доколку продолжат да штедат, многу мал процент ќе имаат повисоки сметки. Со овие одлуки цената за пренос на електрична енергија се намалува 8,66 %, цената за дистрибуција се намалува 19,54 %. Тоа е дополнителна помош и за компаниите на слободниот пазар затоа што нивните трошоци за мрежарина се намалуваат речиси 20 отсто“, рече претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
Цената на првата блок-тарифа сега ќе биде 4,73 за енергија и цената за мрежа е 2,68 денара или вкупно 7,41 денари за киловат-час. За вториот блок сега изнесува 7,84 денари за киловат-час, цената за третиот блок сега ќе изнесува 8,74 денари и цената за четвртиот блок сега е 18,81 денари.
Евтината тарифа претходно беше 3,99 денари, сега изнесува четири денари. За малите потрошувачи во скапа тарифа сега ќе изнесува 13,73 денари за киловат-час, а евтината тарифа 10,78 денари.
„Во време на енергетска криза направивме максимални напори да им помогнеме. Просечната цена за домаќинствата со вклучена мрежарина изнесува 98 евра за мегават-час. Овие цени се без ДДВ, кое од Нова година се враќа од пет на десет отсто. За првите три блока, зголемувањето на ДДВ-то од пет на десет отсто нема да влијае врз цената на струјата’, додаде Бислимоски.
(MakFax)
(фото: Pixabay)