Поддршка на млади лица кои се во дилема за изборот на кариера, факултет, професија, но и за млади кои веќе имаат успешна кариера, а сакаат промена, ќе биде обезбедена преку програмата за кариерно советување во рамки на проектот „МладиХаб – надминување на нееднаквоста на младите“ на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ).
Првата група која ќе биде опфатена преку оваа програма ќе започне во март, со групна средба, информираа од НМСМ. Потоа, секој учесник ќе има три индивидуални менторски средби со кариерен советник, по што на крајот на програмата за секој учесник ќе се изработи и план за кариерен развој.
Учеството е бесплатно и патните трошоци за учеството на средбите во Скопје за учесниците кои не живеат во главниот град ќе бидат покриени.
Заинтересираните кандидати за учество на објавениот повик за програмата за кариерно советување треба да бидат на возраст помеѓу 15 и 29 години, да се средношколци или да имаат завршено најмалку средно образование, потоа да не се во работен однос и да имаат регистрирано профил на платформата CareerHub.
Кандидатите треба да го пополнат и формуларот достапен на овој линк.
Од НМСМ информираа дека повикот ќе биде отворен цело време, без конкретен рок, додека не се пополнат сите места, односно додека не се опфатат 75 млади лица.
Програмата за кариерно советување НМСМ првпат ја реализираше помеѓу октомври 2021 и март 2022 година и опфати 100 лица. Речиси 30 отсто од учесниците се вработиле шест месеци по завршувањето на советувањето, а уште толку ја промениле својата кариера во насоката што ја посакувале.
Повеќе за повикот може да се прочита на овој линк.