Donut Factory е првата специјализирана продавница за крофни во земјата, која последните пет години се прошири на неколку локации низ земјата, а сега најавува отворање на продажни места и во соседните земји.
Сопственикот на Donut Factory Виктор Каламарас ексклузивно за Иновативност открива дека, иако пандемијата сериозно ги затресе бизнисите, во компанијата одлучиле истовремено со грижата во вакви услови да обезбедат опастанок и да го задржат квалитетот, да преземат и поголеми ризици и да работат на нови почетоци. Во изминатите две години во Donut Factory е зголемен бројот на вкусови, воведени се и custom made крофни, како и нов производ, Slushy.
Новинар – Сања Наумовска
Виктор, Donut factory има две локации во Скопје, но вашите планови се и да излезете надвор од земјата и да инвестирате во нови? Кажете ни нешто повеќе за тоа
Моментално Donut Factory е позициониран на две локации, во Ист Гејт Мол и во Скопје Ситу Мол. Изминатите две години значеа нови почетоци за Donut Factory, а со тоа и соочување со нови предизвици. Започнувањето со работа во најдобрите два трговски центри во нашата земја е спој на желбата да бидеме поблиску до купувачите истовремено да го добиеме признанието за квалитет, како и дел од стратегијата и визијата за градење на нашиот бренд.
Donut Factory е проект кој во моментов е во полн ек, а фокусот ни е насочен кон развивање во повеќе насоки. Клучна улога за проширувањето имаат крајните купувачи кои секојдневно го препознаваат квалитетит и самите не охрабруваат да бидеме поблиску до нив. Во моментот се одвиваат финалните преговори за отворање на првата Donut Factory продавница надвор од Македонија. Ова е комплексен процес кој бара многу посветеност, но со активна работа. Сметам дека за многу брзо ќе го финализираме и реализираме како нов проект.
Во однос на домашниот пазар, веќе имаме план за повеќе нови локации оваа година. Она што ме прави среќен е можноста за децентрализација на бизнисот, односно развивањето да не е насочено само кон главниот град во нашата земја. Во март годинава, отвараме ново продажно место во трговскиот центар Dua Mall во Струга, кој што е лидер во западниот дел од нашата земја.
Дали ширењето на пазари и надвор од Балканот е во некој од вашите планови за иднината?
Во периодот што следи, Donut Factory главниот акцент го постави на проширувањето и унапредувањето на процесите на домашниот и регионалниот пазар. Желбата за достапност и на подалечни пазари секако е присутна, но примарната цел е секако задржување и унапредување на квалитетот и стабилноста на домашниот пазар.
Пет години отккао почнавте со работа, во кои се случија и пандемија и светска криза, кој беше најголемиот предизвик да се опстане на пазарот, а потоа и да се донесе одлука за проширување и инвестиции?
Како индивидуа секој нов ден го гледам како нов предизвик и нов почеток, па така и во бизнисот. Сметам дека нема сектор или бизнис кој не беше погоден од пандемијата. Пандемијата како предизвик сама по себе донесе негативно влијание и забавување на сите нови процеси на развивање на бизнисот и инвестициите во нови технологии. Главниот фокус беше на опстанокот на бизнис моделот и задржување на квалитетот која е клучна компонента кај брзорастечките мали бизниси. Понесен од желбата и визијата за успех, но и вербата во производот, целата мотивација ја насочив кон нов почеток, кој донесе превземање на поголеми ризици.
Во 2021 година се отвори Donut Factory во East Gate mall. Пандемијата се уште беше во полн ек, многу рестрикции и мерки имаа влијание на секојдневното работење и беше вистински предизвик и да се развива бизнисот и да се доближи производот до крајните купувачи. Упорноста и желбата не запреа, веднаш продолжив кон реализирање на нов проект кој се случи во првата половина од 2022 година, Donut Factory доби ново продажно место во Skopje City mall.
Какви типови и колку вкусови на крофни имате во моментов?
Застапени се повеќе од 20 вкусови на крофни. Она што е интересно за купувачите е можноста за custom made крофни кои ги изработуваме по нивна желба на самите продажни места. Имаме и тематски крофни кои се дел од понудата за детски родендени и корпоративни настани. Имагинацијата не запира, па од таму постојано се работи на нови вкусови и декорации.
Дали освен во вашите продавници крофните се продаваат и на други продажни места?
Во изминативе години нашите производи беа достапни на повеќе локации, главно во поголем број на кафетерии, но искуството покажа дека за задржување на квалитетот и стандардите најдобро е производите да се продаваат само на продажните места на Donut Factory.
Кои се омилените комбинации на купувачите, имате ли некој најпродаван вкус?
Купувачите ги бираат најчесто чоколадните вкусови и комбинациите со чоколадо, но и добро познатите Kinder Bueno, Snikers, Rafaelo.. Наша сугестија се и класичните крофни, односно крофни со овошни филови како на пример, крофна со фил од јаболко и цимет, кајсија, вишна итн. Се стремиме да користиме што е можно повеќе производи од наше македонско потекло, па затоа ги имаме најквалитетните домашни овошни филови.
Планирате ли можеби да воведете некој нов производ?
Да. Изминатата година воведовме релативно нов производ за нашиот пазар, Slushy или Granita. Се работи за пијалок кој што се служи во замрзната форма. Покрај палетата на различни бои и вкусови, она што го прави интересен е можноста купувачите самостојно да го изберат и наточат. Иако главниот акцент ни остануваат крофните, но ги следиме и светските трендови и се работи на нови производи кои во моментов не се присутни на домашниот пазар.
Инвестиравте ли нешто во нова или понапредна технологија во изминатиов период? Или можеби имате такви планови за иднина?
Производствениот и продажниот процес се во директна релација, па самиот раст на бизнисот носи потреба за воведување на нови технологии, зголемување на капацитетот и автоматизирање на процесите. Како компанија започнавме со посета на светските саеми, каде се представуваат најновите технологии и се стремиме истите да бидат застапени во нашето работење.