НБРМ: Растат и кредитите и депозитите!

- Advertisement -

Во декември 2022 година забележан е годишен раст на вкупните депозити од 4,9 отсто и на вкупната кредитна поддршка од 9,4 отсто при што растот на вкупните депозити е во услови на зголемување на депозитите кај двата сектора, додека на вкупните кредити се должи на повисокото кредитирање на двата сектора, коешто е поизразено кај корпоративниот, информираше денеска Народната банка (НБ).

-Во декември 2022 година, паричната маса (монетарниот агрегат М3), се зголеми за 2,8 отсто на месечна основа, во поголем дел поради растот на депозитните пари и готовите пари во оптек, при дополнителен позитивен придонес и на краткорочните депозити. Анализирано на годишна основа, паричната маса бележи раст од 5,3 отсто, главно како резултат на повисоките краткорочни депозити и депозитните пари, а во помала мера и на готовите пари во оптек, во услови на остварен пад на долгорочните депозити до две години. Вкупните депозити бележат месечен раст од 2,6 и годишен од 4,9 отсто во услови на зголемување на депозитите кај двата сектора, истакнуваат од НБ.

- Advertisement -

Вкупните кредити, додаваат, остварија раст од 1,4 отсто на месечно ниво, којшто во најголем дел произлегува од зголеменото кредитирање на корпоративниот сектор, при позитивно влијание и на секторот „домаќинства“. Годишниот раст од 9,4 отсто се должи на повисокото кредитирање на двата сектора, коешто е поизразено кај корпоративниот сектор.

-Вкупните депозити на корпоративниот сектор, се зголемија за 3,3 отсто споредено на месечно ниво. Најголем придонес кон месечниот раст имаат зголемените краткорочни депозити во странска валута, а во позитивна насока влијаат и депозитните пари, како и останатите компоненти. Во споредба со декември претходната година, депозитите на корпоративниот сектор се повисоки за 3,7 отсто, главно поради зголемените краткорочни депозити во странска валута и во денари, при дополнителен позитивен придонес и на депозитните пари, а во услови на забележан пад на долгорочните депозити во странска валута и во денари, велат од НБ.

- Advertisement -

Кредитите на корпоративниот сектор, како  што истакнуваат, забележаа месечно зголемување од 2,6 отсто, како резултат на растот на кредитите во денари и во странска валута, со поголем придонес на денарските кредити. Годишниот раст изнесува 11,5 отсто и произлегува од повисокото кредитирање во денари и во странска валута, коешто е поизразено кај кредитите во странска валута.

-Кај депозитите на домаќинствата, е остварен раст од 2,7 отсто на месечна основа. Нагорната промена во најголем дел е одраз на зголемените депозитни пари, при дополнителен позитивен придонес и на долгорочните депозити во денари и во странска валута, а во помала мера и на краткорочните депозити во денари. Во декември краткорочните депозити во странска валута бележат месечно намалување. На годишно ниво, депозитите на домаќинствата се повисоки за 5,8 отсто, во поголем дел како резултат на растот на краткорочните депозити во странска валута и депозитните пари, а во помал дел и на долгорочните депозити во странска валута. Пад на годишна основа е забележан кај краткорочните и долгорочните депозити во денари, прецизираат од НБ.

- Advertisement -

Кредитите на домаќинствата, пак, бележат месечен раст од 0,3 отсто кој, според НБ, во целост се должи на зголеменото кредитирање во странска валута. Во споредба со декември минатата година, зголемувањето на кредитите на домаќинствата од 7,3 отсто е резултат на растот на кредитите во денари и во странска валута, со поизразен придонес на кредитите во странска валута.

-Според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во декември 2022 година најзастапените категории ‒ потрошувачките и станбените кредити, бележат месечен раст од 0,7  и 1,2 отсто, при годишен раст од 6,3 и 12,7 отсто. Автомобилските кредити се намалија за 0,2 отсто на месечно ниво, додека на годишно ниво се зголемени за 9,1 отсто. Кредитите одобрени на кредитни картички, остварија месечен пад од 0,9 отсто, а се зголемени за 0,7 отсто на годишна основа. Овој месец, месечниот пад на негативните салда на тековните сметки изнесува 10,2 отсто, при остварен годишен раст од 1,0 отсто, додека кредитите одобрени врз други основи се намалени за 0,7 и 15,5 отсто на месечно и на годишно ниво, потенцираат од НБ.

Фото – Pixabay

Сподели!
- Advertisement -