Министерот Бектеши достави предлог до Владата да се укине субвенционираната струја за сите компании од прехранбениот сектор бидејќи анализата со пазарен инспекторат им покажала дека не го почитувале договореното.
-Според анализите на Министерството за економија, кај голем дел од компаниите кои што користеа субвенционирана електрична енергија од ЕСМ Продажба по цена од 80 евра за мегават час, нема намалување на цените на основните прехранбени производи. – стои во соопштението од економија..
Сепак, дали овој предлог ќе биде прифатен останува неизвесно… Утринава и премиерот Ковачевски и вицепремиерот Битиќи имаа поумерени изјави, во кои порачаа дека мерката треба да се укине само за оние кои не го почитувале договорот, а не за сите, како што бараа и стопанствениците..
„Пазарен мора да направи анализа дали е заради тоа што не сакале или затоа што имаат други елементи како суровини транспорт работна сила кои биле покачени и кои ги оневозможиле. Ако нема објективни причини за да не се намали цената и покрај субвенциите нормално дека нема да добиваат субвенционирана цена на струја. Мојот пристап би бил доколку е можно само тие компании. “ изјави Димитар Ковачевски, претседател на влада
„Доколку аргументите не се на нивна страна, може и да дадеме дополнителен временски период, но, ако немаат аргументи тогаш сме подготвени да ја укинеме субвенцијата. Но, и поради тоа што ова се пари на граѓаните треба да најдеме механизам тие да се вратат кај граѓаните.“ Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања.
Мерката ја користат 240 фирми што произведуваат масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месната и живинарската индустрија. Тие за декември и јануари платиле сметки за струја од 1,2 милиони евра, а доколку би биле на слободниот пазар, би ги чинело најмалку двојно повеќе. Планирано беше субвенцијата да ја користат до крајот на април..