На пролетното издание на еден од најкредибилните вински натпревари во светот – „Mundus Vini“ 2023, вината на „Tikveš“ и „Tikveš Châteaux&Domainеs“ освоија една специјална награда, четири златни и две сребрени медали, во силна конкуренција на познати вински брендови од целиот свет.
Највисоки оценки – златен медал и специјална награда „Најдобро црвено вино од Македонија“ доби виното „Vranec Luda Mara 2020”. Златен медал освои и новото вино што допрва ќе се најде на пазарот „Babuna red 2021“, во кое доминира сортата плавац мали, како и вината „Terrasse a l’Ombre 2020” и „Domaine Lepovo Grand Cuvѐe 2019”. Со сребрен медал се закитија вината „Domaine Lepovo Chardonnay 2021“ и „Viognier Bela Voda 2022“.
Високите награди за вината на „Tikveš“ и „Tikveš Châteaux&Domainеs“ на „Mundus Vini“, покрај потврда за високиот квалитет, се и јасно признание за конкурентноста на овие вина помеѓу светската винска елита. Оценките на вината на овој престижен светски вински собир ги дава меѓународно жири, кое е составено од врвни енолози, сомелиери, вински новинари, експерти и трговци. За успехот на вината дополнително зборува и фактот што согласно критериумите на овој натпревар, најмногу 40% од испратените вина може да добијат награди заради големиот број вина кои се натпреваруваат.
Винарската визба „Тиквеш“ редовно учествува на „Mundus Vini“ и на други реномирани светски вински натпревари и годишно освојува над 100 медали и специјални признанија. Овие награди ја зацврстуваат позицијата на вината на „Тиквеш“ на интернационалните пазари, зголемувајќи ја нивната препознатливост, но истовремено промовирајќи ја и Македонија како винска земја.