Крушево ќе биде организатор на манифестацијата „Град на културата“ во 2023 година, одлучи комисијата при Министерството за култура. На распишаниот конкурс беа пријавени и Струга и Маврово-Ростуше.
Стручната комисија при Министерството оцени дека Крушево понуди богата програма и издржан програмски концепт, со содржини од различни жанрови, од традиционалното и од современото творештво, со учество на релевантни домашни и странски уметници.
Во програмата се 62 проекта од сите дејности, кои подразбираат достапност на културата за сите во Општината и учество на многу млади домашни уметници и автори, оценила Комисијата.
Крушево ќе ги стави во функција инфраструктурните и човечките капацитети и ќе овозможи реализација на богати културни содржини во текот на целата година, како и меѓународна поврзаност и соработка во рамките на културата.
Манифестацијата „Град на културата“, иницирана од Министерството за култура, а прифатена и поддржана од општините во државава, започна да се реализира од 2004 година. Општините континуирано учествуваат во културниот натпревар на идеи преточен со презентација на многубројни јавни настани.