Нискобуџетната авиокомпанија Wizz Air во својата понуда од мај годинава ќе има и модел на претплата. Имено, патниците во период од шест месеци ќе можат да уплатуваат паушален износ, а за возврат секои шест месеци ќе можат да изберат еден лет во еден правец или повратен.
Европската авиокомпанија се здружи со Caravelo, компанија која изработува претплатнички платформи за авиокомпании. Тие тврдат дека програмата која ја изработиле за Wizzair, а е наречена MultiPass, е прва од тој вид во Европа.
Моделот на претплата Wizz Air MultiPass засега ќе биде достапен само на домашните линии во Италија и на интернационалните кон Полска, а патниците ќе имаат на располагање четири опции – претплата која вклучува само билет, билет плус приоритено качување во авион, билет и багаж до 20 кг или модел кој ги вклучува сите опции.
Како што пишува порталот Travelpuls, тие што ќе се одлучат за претплата, првиот билет можат да го купат веднаш, со тоа што летот мора да биде најмалку пет дена од денот на купување. Претплатата мора да трае најмалку шест месеци, па се обновува секој месец.
„Со ова патниците за фиксна цена добиваат одлична понуда за претстојната четна сезона, а истовремено не треба постојано да ги следат цените и да планираат патување многу порано за да добијат подобра понуда. Благодарение на претплатата патниците многу едноставно ќе можат да изберат лет за бизнис патување или за одмор“ велат од Wizzair.
Caravelo во февруари минатата година се здружи и со Alaska Airlines за изработка на платформата за претплата Flight Pass, додека и Frontier Airlines неодамна лансирале сопствена платформа – GoWild!
Caravelo е компанија со седиште во Барселона, која во јули минатата година собра 3 милиони долари инвестиции.
(Bizlife)
(фото: Pxhere)