Илон Маск ја именуваше поранешната шефица на NBC Universal, Линда Јакарино, за нова извршна директорка на Тwitter, во овој период кога компанијата се обидува да го смени трендот на паднати приходи од реклами.
Јакарино ќе ја преземе социјалната платформа соочена со големи предизвици и голем долг откако неколку години работеше на модернизација на маркетингот во NBC Universal, чиј сопственик е Comcast Corp.
„Возбуден сум што можам да и посакам добредојде на Линда Јакарино како нова извршна директорка во Twitter. Линда првенствено ќе се фокусира на деловните операции, додека јас ќе се фокусирам на обликување на производите и на нова технологија“ напиша Маск на Twitter.
На крајот на 2022 година Маск најави дека планира да се повлече од челната позиција во Twitter, но дури кога ќе го најде совршениот наследник. Тој стана извршен директор на оваа социјална мрежа откако го купи Twitter во октомври 2022 година за околу 44 милијарди евра, но веднаш истакна дека тоа нема да е негова трајна позиција.
Милијардерот Маск е сопственик и на компанијат за електрични возила Tesla и на компанијата SpaceX за производство на вселенски летала. Додека беше на чело на Twitter во компанијата се случуваше вистински хаос и контроверзии.
(Zimo)
(фото: Flickr)