Регионалниот фонд за предизвици (РЦФ) ги потсетува сите заинтересирани конзорциуми на установи за стручно образование и обука и претпријатија посветени на заедничко спроведување на проекти за кооперативна обука, дека рокот за аплицирање на Третиот повик за изразување интерес од сите економии од Западен Балкан 6 и сите економски сектори, истекува на 7 јули 2023 година, во 23:59 часот.
Изразите на интерес може да се поднесат од конзорциуми за стручно образование и обука сочинети од установи за стручно образование и обука и минимум две претпријатија по програма за кооперативна обука, кои заеднички ќе се вклучат во обезбедувањето на кооперативно СОО.
Повеќе информации за подобноста на апликантите и процедурите за аплицирање може да најдете во Упатството за третиот повик за изразување интереси, достапно тука.
Првиот и вториот круг апликации привлекоа повеќе од 300 Изрази на интерес од сите економии на Западен Балкан 6. Процесот на селекција доведе до избор на 63 проекти за финансирање, одвојувајќи приближно 27 милиони евра за инвестиции во опрема, инфраструктура и обука кај давателите на стручна обука и партнерските претпријатија.
Директор на СОУ „Киро Спанџов-Брко” од Кавадарци, м-р Душко Лазов, еден од наградените конзорциуми во Северна Македонија, наведува дека поддршката е многу значајна.
„Благодарение на РЦФ и Германското федерално министерство за економска соработка и развој, Германската развојна банка и ЗБ6 КИФ, СОУ ,,Киро Спанџов-Брко“ од Кавадарци, стручното електро-машинско, современо училиште, e едно од наградените училишта уште на првиот повик, во конзорциум со компаниите Дрекселмаер, ИГМ Трејд и Еуроникел индустри, сите од Кавадарци“, истакна директорот Лазов, додавајќи:
„Проектот е во износ од 1.113.000,00 евра од кои директна донација се 585.000,00 евра каде што е опфатена набавка на опремата, обука на наставниците и менторите, а самата опрема се однесува на замена на старата и застарена лабораториска опрема за индустриските работилници во училиштето со сосема нова најсoвремена дидактичка опрема која опфаќа мехатронички сетови, ЦНЦ машини, пневматски и хидраулични постројки, роботски раце, софтвер, универзални PLC програми за едукација, микроконтролери и Arduino софвтерски системи.
Една од просториите треба да биде лабораторија за машинската струка, а другата за електроничката струка. Самата опрема ќе се користи за обука на учениците во следните области: мехатроника, електроника, автоматизација, роботика, пневматика и хидраулика. Оваа лабораторија овозможува обука за 25 до 30 ученици.“
Меѓу другото, тој потенцираше: „Благодарение на овој доделен грант, училиштето ќе може да обезбеди најдобро можно образование и практично искуство за младите ученици. Со подобрен квалитет на практичните обуки, учениците кои ќе завршат средно образование ќе бидат способни за самовработување и ќе бидат конкурентни за вработување во компаниите.
Ова е важно и за компаниите во нашиот регион бидејќи тие стануваат поконкурентни и придонесуваат за развојот на локалната економија. “
Германското федерално министерство за економска соработка и развој намени 64,43 милиони евра за РЦФ, а Владата на Швајцарија преку Швајцарската агенцијата за развој и соработка (SDC), вложи дополнителни 9,7 милиони швајцарски франци. Средствата се доделени на Германската развојна банка (KfW), a проектот се спроведува од Коморскиот инвестициски форум (КИФ) за Западен Балкан 6 (WB6-CIF), заедничка иницијатива на Стопанските комори од регионот.
—————