Софтверскиот гигант Adobe соопшти дека нивниот модел на генеративна вештача интелигенција, познат како Firefly, отсега ќе биде достапен на глобално ниво со поддршка за текстуален внес на 100 јазици, вклучително и на македонски јазик. Корисничкиот интерфејс, пак, ќе биде достапен на 20 светски јазици.
Покрај проширувањето на пристапноста до платформата, компанијата гордо истакна дека вештачката интелигенција на Firefly досега генерирала над 1 милијарда креативи преку веб-прелистувач и во Photoshop.
„Бевме изненадени од тоа како креаторите го користат Firefly за да создадат повеќе од милијарда прекрасни слики и текстуални ефекти што го прави една од најуспешните бета-верзии на Adobe досега, и тоа за само три месеци. Денешната објава е да се направи Firefly достапен за повеќе луѓе на нивните претпочитани јазици, за да можат да продолжат да го користат нашиот уникатен модел, да ја оживеат својата имагинација и да создаваат најквалитетни креативни средства кои се безбедни за комерцијална употреба“ – објаснува Ели Гринфилд, генерален технолошки директор за дигитални медиуми во Adobe.
Генеративниот модел со вештачка интелигенција Firefly беше лансиран во март, првично достапен преку веб-прелистувач, а потоа во самите програми на Adobe како Photoshop, Illustrator и Express. За разлика од другите слични сервиси, Adobe се грижи резултатите генерирани преку Firefly да бидат комерцијално безбедни за употреба од страна на бизнисите, бидејќи нивниот модел е обучен врз основа на слики што се дел од сток-библиотеката на Adobe.