Горјан Јовановски ја креираше најголемата платформа за климатски податоци во светот, EarthCare.ai! Ауди сака да ја користи во своите автомобили!

- Advertisement -

Горјан Јовановски, творецот на платформата Мој воздух- AirCare, е пионер во информирањето за состојбата со загадувањето на воздухот во земјава. Јовановски, неодамна, заедно со Драган Гелевски креираше нова, најголема платформа за климатски податоци во светот, EarthCare.ai. Платформата ќе содржи информации за 50 различни климатски состојби во целиот свет и е поткрепена со најновите модели на вештачка интелигенција кои ќе ги анализираат податоците.

Јовановски вели дека EarthCare.ai е наменета е за секој што сака да се информира, но особено за бизнисите, институциите и сите оние кои треба да носат одлуки со цел да се отпорни на климатските промени.

- Advertisement -

Разговараше – Сања Наумовска

Горјан, неодамна ја промовираше твојата нова платформа EarthCare, која ја креиравте заедно со Драган Гелевски. Кажи ни за што се работи?

- Advertisement -

EarthCare.ai е платформа која има цел да го унифицира и централизира пристапот до климатски податоци и податоци за животната средина, за секој дел од нашата планета. Се наоѓаме сред климатаска криза, но често без податоци носиме одлуки за како да се заштитиме себе, нашите општества и нашите бизниси. Пристапот кон вакви податоци е многу тежок и фагментиран, од сателити, до државни агенции, до волонтерски уреди. Ние со AirCare увидовме колку е тешко да се пристапи и да се одржува директна врска со сите овие извори за само еден тип на податок.

Затоа, заедно со тимот, решивме да го прошириме опсегот на податоци кои ги правиме достапни, од четири (загадување, УВ, полен и пожари) на 50 (поплави, урагани, бури, земјотреси, снег, температура…). Над 1.000 формати на податоци ги унифирицаме на една платформа, и преку едно климатско API ги правиме достапни на повеќе вертикали на бизниси за директна интерграција во нивните производи и процеси – недвижнини, осигурители, агрокултура, истражувачи и државни органи.

- Advertisement -

Во која фаза е развојот на платформата во моментот и кои се следните чекори за EarthCare?

Сега сме во MVP фазата каде креираме најмала верзија на нашиот продукт и го тестираме со нашите први клиенти за да се осигураме дека типот на податоци и начинот на кои ќе ги доставуваме се токму она што им треба. Откако ја завршивме акцелераторската програма Techstars во Берлин, која патем беше едно од најдобрите искуства што сме ги имале, се роди идејата AirCare да прерасне во EarthCare.ai.

За кого ќе биде наменета новата апликација и кои се бенефитите од ваквиот тип на податоци?

За граѓани, компании, државни органи… Сите живееме во климатската криза, и сите треба да имаме брз и едноставен пристап до реални податоци за тоа што се случува околу нас. Посебен фокус ни се бизниси кои сакаат да носат правилни одлуки и планови со цел да се отпорни на климатските промени. На пример, каде им е повисок ризикот да отворат нова фабрика, испитување на ризиците долж нивниот ланец на набавки, креиирање на ESG долгорочни планови… Дополнително, со помош на вештачка интелигенција (AI) и сателиски снимки развиваме ризик индикатори кои дополнително ќе помогнат на бизниси и државни органи да знаат каде има висок ризик за пожар, поплава или невреме. Речиси секоја бизнис вертикала има потреба од некој тип на ваков податок, а ние целиме да станеме главниот играч на тоа поле.

Дури и со Ауди во моментов сме во преговори за креирање на заеднички proof of concept за користење на нашите податоци во нивните возила!

Како дојде до моментот да ја креирате новата платформа?

За време на акцелераторската програма во Берлин на Techstars, научивме како брзо да тестираме идеја и да видиме дали таа работи или не. Доста бргу дознавме дека податоци за аерозагадувањето се премалку, и потребни се далку повеќе типови на еколошки податоци и индикатори кои се бараат во бизнис светот. Токму затоа и решивме да го прошириме нашиот видик и да ја развиеме наголемата платформа за климатски податоци, и решивме да ја именуваме следејќи го духот на нашата веќе успешна апликација AirCare, за таа сега да се вика EarthCare.ai. AI делот означува дека нема да е едноставна база на податоци, туку поткрепена со најновите модели на вештачка интелигенција кои ќе ги анализираат податоците и носат погледи кон нив што досега не се видени!

Ти си препознатлив за јавноста и како творец на платформата AirCare – Мој воздух и голем борец за почиста животна средина. Дали развојот на EarthCare беше логичен чекор понатаму во таа насока?

Дефинитивно, пасијата на нашиот тим за животната средина е тоа што од секогаш нè движеше напред. Сега, со помош на Techstars го добивме потребното бизнис знаење да може многу побрзо од претходно да развиваме. Јас како програмер, ми требаше време да малку се оддалечам од техничката страна на бизнисот и да се посветам повеќе со клиенти, ментори и инвеститори, но секој нов предизвик ме возбудува. Плус, како ко-основач го имам легендарниот Драган Гелевски, еден од најдобрите програмери на овие простори и мој близок другар, кој се грижи за техничкиот дел и целата магија што во позадина ќе ја движи платформата.

Во последните две години си и независен советник во Советот на Скопје, претставник на Зелен хуман град. Чувствуваш ли промена во делувањето на градските власти по влегувањето на независните советници? Успевате ли да ја нарушите партиската биполарност, и градот да го насочите да стане навистина зелен и навистина хуман?

Можноста што се отвори за транспаретност и мешање во статус кво-то на секојдневната политика откако независните советници влегоа во советите е очигледна. И покрај блокадите од закржлавените процеси во администрацијата, политичките игри и незаинтересираноста на колегите, независните продолжуваат да се борат на страната на активистите, љубителите на животни, културните уметници, новинарите и сите оние граѓани кои сакаат да живеат во убав, зелен и хуман град. Борбата дефинитивно е долга и изморува, посебно кога сте во помал број, но малите победи полека стануваат поголеми и поголеми, а на моменти се гледа и дека барем дел од колегите советници веќе не нè гледаат како непријатели, туку како експерти во нашите полиња.

Какви се твоите планови за во иднина?

Највозбудливиот дел од секој стартап е почетокот, и пресреќен сум дека полека во Македонија ќе го растеме нашиот тим што веќе еднаш на светско ниво направи бум. Сега одиме со втора рунда, со главен фокус на EarthCare.ai како и AirCare. При крајот на годината ќе ја отвориме нашата инвестициска рунда, и со помош на заедницата и Techstars ќе станеме светскиот најголем провајдер на податоци за животната средина и климата!

Сподели!
- Advertisement -