Куќа од скопска населба, без изолација, која сега едвај се загрева на дрва со што придонесува и за загадување на воздухот, може да стане три пати енергетски поефикасен објект со исто толку помал учинок врз воздухот кој го дишеме. Но, за тоа треба институционална и парична поддршка бидејќи инвестицијата е голема за просечно семејство и се враќа за околу 30 години.
Еко-свест ги анализираше трошоците како еден ваков типичен дом на 4-члено семејство од скопската населба Козле, какви што има илјадници низ државата, може да доживее транформација.
Куќата има 57м2, изградена со цигла и малтер пред повеќе од 60 години, нема изолација на ѕидовите и таванот, има стари прозорци и се загрева со печка сместена во кујната за што во зимската сезона троши околу 4 м3 огревно дрво.
Како и многу други домаќинства, во оваа куќа се загрева само нешто под половина од просторот, односно 27 м2 . Со тоа другите простории се ладни и ја влечат топлината од кујната со што не дозволуваат ниту во греените простории да се развие повисока топлина. Имаат и толинска пумпа, но не ја користат поради цените на електричната енергија.
- Истражувачите пресметаа дека ако се постави изолација на надворешните ѕидови со дебелина од 20 cm инвестицијата ќе ги чини 542 илјади денари, а тоа годишно ќе им донесе заштеда од 18 илјади денари. Инвестицијата целосно ќе им се врати по дури за 29 години.
- За поставување на топлинска изолација на таванот домаќинството ќе треба да вложи 43 илјади денари, со што ќе добие годишна заштеда од околу 670 денари. Инвестицијата ќе им се врати за 64 години.
- За замена на сите дрвени прозорци и врати со енергетски ефикасни ќе треба да вложат над 63 илјади денари. Со тоа годишно ќе штедат околу 590 денари, со што инвцестицијата ќе ја вратат за повеќе од 1 век.
Ако се применат сите овие мерки на оваа куќа таа ќе троши 72% помалку енергија односно ќе стане енергетски ефикасна. Притоа, за најголема заштеда ќе придонесе изолацијата на надворешните ѕидови, мерка со која може да зачуваат дури 64% од толинската енергија. Изолацијата на таванот ќе придонесе за 6% заштеда, а новите прозорци и врати за 2% заштеда. Вкупната количина на огревно дрво кое ќе му биде потребна на домаќинството да го загрее целиот објект ќе спадне на 1,5 м3 огревно дрво споредено со претходните 4 м3 кои ги трошат за загревање на помалку од половината од објектот. Емисиите на јаглерод диоксид и на суспендираните честички ПМ-10 и ПМ-2,5 ќе се намалат за 3,5 пати.
Во случај да се смени и грејното тело со нова печка на пелети, заштедите на енергија ќе бидат исти, но периодот за поврат на инвестицијата ќе биде пократок – 12,6 години. Тоа се должи на повисоката цена која ја имаат пелетите споредено со огревното дрво. Со пелетите помали ќе бидат емисиите на суспендираните честички ПМ-10 и ПМ-2,5.
Доколку пак домаќинството одлучи основен извор за затоплување да му биде топлотната пумпа која работи на електрична енергија, заштедите во топлината ќе бидат исти, но поради цената на струјата, повратот на инвестицијата во просек ќе изнесува околу 27 години. Меѓутоа, во ова сценарио објектот ќе има скоро двојно помали емисии на загадувачки гасови, односно на јаглерод диоксид и на суспендирани честички ПМ-10 и ПМ 2,5 , што го прави еколошки најприфатливо сценарио.
Дополнително на заштедите со мерките за енергетска ефикасност, домаќинствата имаат и зголемен конфор во зимските и летните месеци, како и подобар животен стандард и подобро здравје на неговите членови.
Меѓутоа, за да се изведе оваа трансформација, на домаќинството ќе му бидат потребни над 10 илјади евра, пари кои многумина не можат да си ги дозволат. А за поддршка на трансформацијата на ваквите домаќинства засега нема никаква поддршка или информациони точки каде граѓаните може да се информираат за достапните алтернативи и начини како да станат енергетски поефикасни или да добијат стручно советување.
Затоа, неопходно е итно активирање на Фондот за енегетска ефикасност кој долго време е во најава. Фондот ќе даде можност на домаќинствата да ги спроведат сите овие мерки и да го подобрат стандардод со грантови, а на Владата ќе и овозможи постојани јавни пари за финансирање на мерките за енергетска ефикасност.
Прочитајте ја целата студија на случај.
Photo credits – www.ecolife.zone