Во Новаци започна со работа најголемата фотоволтаична централа на Балканот

- Advertisement -


Денеска свечено беше отворена приватната фотоволтаична централа „ФЕЦ Новаци“, која во моментов е и најголема на Балканот. Со вкупен капацитет од 55 мегавати, проектирано е годишно да произведува 85.000 мегаватчасови струја, што според Владата претставува „електрична енергија која е доволна за задоволување на потребите на 30.000 семејства“.

- Advertisement -

На отворањето на „ФЕЦ Новаци“ се обрати премиерот Димитар Ковачевски, кој истакна дека во делот на имплементацијата на зелениот договор, владата успеала да инсталира поголем број на централи за обновливи извори на енергија.

„Со овие стратешки политики, овозможуваме, на долг рок, предвидливост во развојот на економијата и енергетска независност на државата. Ги имаме природните потенцијали: вода, ветер, над 280 сончеви денови секоја година, што е над европскиот просек, поради што од државата почнавме да создаваме Зелен енергетски центар во Европа“, рече премиерот Ковачевски.

- Advertisement -

Тој направи споредба со 2016 година, за кога рече дека во државата имало инсталирано 16 мегавати на обновливи извори на енергија, додека Владата предводена од него од јануари 2022 година до денес инсталирала 450 мегавати на обновливи извори. Премиерот најави дека до крајот на годината ќе бидат инсталирани и ставени на мрежа 600 мегавати обновливи извори на енергија, што е повеќе од капацитетот на цел РЕК Битола.

Ковачевски додаде дека Северна Македонија има амбициозен план за премин кон чисти технологии и напуштање на производството на електрична енергија од јагленот, кое во моментот е најзастапено, преку концептот на стратешки инвестиции.

- Advertisement -

Министерот за економија Крешник Бектеши за време на свеченото отворање на ФЕЦ „Новаци“ информираше дека Регулаторната комисија за енергетика издала лиценци за дополнителни соларни централи, со што до крајот на годината во нашата држава ќе има инсталиран капацитет од 550 мегават-часови кои ќе ги покриваат потребите за струја за 270.000 домаќинства во државата.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски рече дека изградбата на оваа фото електрична централа била поттикната и од мерките што во изминативе години ги презела Владата, создавајќи услови за премин кон енергетската транзиција.

Инвеститор на ФЕЦ „Новаци“ како енергетски проект за производство на струја од обновливи извори е домашната компанија „МЕЈ Енерџи“ чија дејност е производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори. Од економски аспект, фотоволтаичната централа претставува инвестиција вредна милиони евра.

Сподели!
- Advertisement -