Буквар за финансиска писменост на деца и млади, видеа за финансиска едукација, мобилна учиница Халки се само дел од активностите кои ќе ги спроведе Халкбанк во текот на месецот на штедење – октомври. Целта на оваа кампања на банката е да им помогне на најмладите членови на нашето општество да стекнат основни знаења за најважните финансиски поими и да ги разберат позитивните аспекти на детското штедење.
„Наша обврска како банка е да им помогнеме на децата да научат нешто повеќе на оваа тема, која е особено важна, а не е доволно застапена во формалното образование. Токму затоа го одбравме октомври, меѓународниот месец на штедењето за да креираме неколку интересни активности и практично на забавен и интерактивен начин да придонесеме за поголема финансиска писменост. Важно е децата да се што е можно повеќе едуцирани, но и за нас банките, важно е да градиме добро информирани нови генерации“, вели Маја Наумовска Савеска од Халкбанк.
Букварот за финансиска писменост ќе содржи 31 термин, по еден за секоја буква од азбуката, преку кои децата од школска возраст ќе можат да научат што значат зборовите кои најчесто се користат во финансиската област. Во активностите ќе се вклучи и слончето Халки, препознатливиот симбол на детското штедење, кој ќе учествува во мобилните училници што ќе се организираат во неколку градови – Битола, Гевгелија и Куманово. Кампањата за финансиска писменост на деца и млади ќе заврши со низа активности во Градскиот парк во Скопје, кои ќе се одржат на 31 октомври, Меѓународниот ден на штедењето.
Дополнително, ќе биде распишан и литературен конкурс за деца, за најдобар краток расказ на тема „Мојата желба го обиколи светот“. На конкурсот право на учество ќе имаат сите ученици од петто до деветто одделение од основните училишта во Македонија. Најдобрите пет раскази ќе добијат Халки штедни книшки и почетна сума за штедење.
Слончето Халки и Халкбанк се верни пријатели на децата и младите и постојано спроведуваат општествено одговорни активности за нивна поддршка, кои главно се насочени кон едукација на децата и поттикнување на нивната креативност и творечка енергија. Како дел од овие активности, досега се организирани повеќе од 100 работилници низ целата држава, на кои имаат учествувано илјадници деца.