Нова платформа за соработка помеѓу образованието и бизнисот

- Advertisement -

Стопанската комора на Северна Македонија и Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип (УГД) започнуваат нова, иновативна соработка со цел да ја поддржат и олеснат интеграцијата на студентите во бизнисот и да ја засилат врската помеѓу науката и бизнис секторот.

На денешната средба меѓу претседателот на Комората Бранко Азески и ректорот на УГД проф. д-р Дејан Мираковски беа дефинирани можностите за имплементирање на концептот на дуално образование на Универзитетот и искористување на научно-истражувачките капацитети во развој на бизнисот.

- Advertisement -

Сметам дека оваа соработка е неопходна за да ги изградиме следните генерации на лидери и стручњаци во различни области и да создадеме услови за успешна и перспективна иднина на младите генерации. Студентите ќе имаат можност да се запознаат со реалниот сектор и предизвиците со кои се соочува стопанството, додека бизнисите ќе добијат можност да ги поддржат и менторираат следните генерации на професионалци“, истакна Азески.

Проектот помеѓу Комората и Универзитетот Гоце Делчев наречен „Студентите учат од бизнисот“ претставува платформа која ќе им овозможи на студентите да го спојат своето теоретско знаење со практичните искуства од бизнисот.

- Advertisement -

Преку овој проект студентите ќе имаат можност да ги развиваат своите вештини, но и да се запознаат со реалните предизвици на бизнисот, што ќе им овозможи подобро позиционирање на пазарот на труд по завршување на своите студии.

Проектот вклучува различни активности како гостувања на бизнис лидери во кампусот на Универзитетот, практични обуки и работилници, менторски програми во компаниите како и стекнување на конкретни знаења и вештини од областа на претприемништвото.

- Advertisement -

Ректорот на Универзитетот “Гоце Делчев” – Штип (УГД), проф. д-р Дејан Мираковски го истакна своето задоволство од продлабочување на соработката со Стопанската комора како најголема и најважна бизнис асоцијација во земјата и потенцираше дека особено важна компонента е да се отвори можност базичните истражувања кои се креираат во универзитетските научно-истражувачки центри да се применуваат во домашното стопанство.

Само преку заедничка соработка на бизнисот и науката може да изградиме поконкурентно стопанство и посилна економија, и во таа насока ќе биде нашиот фокус на заедничка соработка со Стопанската комора“, нагласи ректорот Мираковски.

Сподели!
- Advertisement -