“Моја бавча“ е единствената бавча која ја посетуваат странски туристи и од која Александра ги прави највкусните традиционални зимници од домашно семе

- Advertisement -

„Моја бавча“ е рајот на земјата за Александра Лозановска од Демир Хисар. Нејзината градина покрај куќата, но и бавчата во селото Вардино, демирхисарско се две места каде виреат најубавите домати, пиперки, тиквички, овошки, зачини…. Сите одгледани тука, од семе до готов производ. Од нив, пак, се прават највкусните зимници, мармалади и сокови, кои се подготвени по старите семејни рецепти.

Убавините на природата и вкусната храна проготвена на традиционален начин се добредојдето со кое Александра ги пречекува туристите што ја посетуваат „Моја бавча“. Таа вели дека сака сите овие убавини да ги сподели со што повеќе луѓе. Заради тоа на жителите на урбаните средини им порачува да излезат од градовите, да се хранат здраво и домашно и да го почитуваат богатството на селата.

- Advertisement -

Новинар – Сања Наумовска

Александра, раскажи ни како започна приказната за Моја бавча?

- Advertisement -

Мојата приказна започна сосема спонтанo, a јавноста за „Моја бавча“ посериозно почна да дознава околу 2019 година. Со изработување на зимница се занимавам уште од поодамна, односно кога моите деца започнаа да студираат, па во тој период, како невработена, имав потреба од поголеми финансиски средства. Што се однесува до почетоците на Моја бавча, приказната започна во 2015 година со помош на „Slow Food“ од Битола од каде несебично ми помогнаа и ми овозможија да станам член и да бидам дел од прекрасните настани.

Што беше тоа што те мотивираше да започнеш со производство на храна, особено на традиционален начин?

- Advertisement -

Сакав на некој начин да ја доближам храната што ја јадеме во мојот дом до повеќе луѓе и да им дадам надеж дека се уште има и се прави домашна, здрава и традиционална храна. Традиционална – бидејќи е автентична за нашиот крај – Демир Хисар, па јас и моето семејство токму таква и ја сакаме.

Храната (зимницата) ја приготвувам од семе па се до готов производ во тегла. Нив ги збираме од најубавите плодови во текот на есента, а станува збор за семиња стари повеќе од 20 години.

Идејата за здраво, органско, домашно подготвено е се попривлечна за луѓето. Кажи ни што произведуваш во твојата бавча и какви преработки подготвуваш? Што е најбарано?

Имам две бавчи – едната е мини бавчичка во дворот полна со зачини, овошки и зеленчук, а другата се наоѓа во атарот на село Вардино засадена со многу зеленчук, наменет за подготовка на зимницата. Таму најмногу одлгедуваме пиперки, домати, шери доматчиња, целер, зелка, цвекло, карфиол, краставички, кромид, тикви, праз…

Од сиот овој зеленчук правам ајвар, лутенка, веге намаз, малиџано, шери домати во маслиново масло, кечап, домати во шише, руска и царска салата, редена салата, цвекло салата и друго, а од овошјето правам разни џемови и мармалади.

Освен од бавчите, некогаш берам плодови од нашата убава природа, како диви јаболка, круши, капинки, боровинки, трленки, шипинки и други. Моите производи ги нудам на различни саеми за домашна, органска, здрава, традиционална и македонска храна, исто така ги изложувам и на социјалните мрежи, ги продавам по нарачки на пријатели, познаници и други купувачи. Сепак, најбарани и најпродавани производи се ајварот и кечапот.

Твојата бавча е отворена и за посета на туристи. Раскажи ни како изгледа еден ден со гости? Што најмногу ги воодушевува и интересира?

Всушност брендот „Моја бавча“ започна кога ни се роди идејата да започнеме да работиме со туристи. Сета организација се одвиваше многу брзо, па решивме да си ставивме и име, Mоја Бавча.

На туристите им приготвуваме агенда што најчесто трае четири часа, а нивните реакции се дека си поминале еден навистина незаборавен ден. Дружењето започнува од утринските часови со посета на бавчата што се наоѓа во Вардино. Им раскажувам за прекрасниот Демир Хисар и неговата историја, па потоа за земјоделството. Раскажувам и како започнуваме со сеење на семињата во март, па како со растењето на расадот грижата околу него се зголемува, од засадување во бавчата во мај, па копање, плевење, наводнување…  Објаснувам и за процесот на наводнување, кој го правиме со подземна незагадена вода.

Туристите имаат можност да си наберат од плодовите, за потоа од нив да направиме свежи салати, макала и разни чорби. На нашата трпеза ги послужуваме со традиционална храна питулици, зелник, мазник, топло лепче, салати, додатоци како тиквички, сиренце, сосови, домашни пијалаци, ликери, сокчиња, вино и ракија. Исто така, имаат можност да пробаат и дел од зимницата.

Додека се дружиме зборуваме и за нашиот секојдневен живот, за нашите навики, за храната…. Се завршува со мал автентичен подарок и десерт кој што најчесто е тикварник или колач со јаготки, капинки и белки. Туристи сме имале од многу земји, од Полска, Швајцарија, Германија, но и наши Македонци. Воодушевени се од природата, чистиот воздух, начинот на подготовка на храната, особено подготовката на фурната за печење, како и од можноста сами да наберат зеленчуци и овошја за после да си спремат јадење. Задоволни се од љубезноста и гостопримливоста од наша страна, но сепак, најмногу се воодушевуваат на вкусната и здрава храна.

Животот во мали средини како Демир Хисар има свои предности, а чистата средина е една од нив. Колку и како во вашиот град производителите го чуваат ова богатство?

Животот во мали средини има мани, но има и предности. Би сакала повеќе да зборувам за предностите. Овде животот е мирен и спокоен, воздухот е чист, а природата е најубава! Нема метеж, нема бучава, секоја обврска се завршува за кус временски период, а луѓето се познаваат меѓу себе, па секој на секому помага.

Оние кои што го сакаат земјоделието и се хранат од него, и тоа како го чуваат и негуваат природниот начин на одгледување на зеленчук и овошје. Традицијата не е само нашето минато, туку и нашата иднина.

Колку руралната жена, како носител на мал бизнис поврзан со производство на здрава храна може да успее во земјава? Имате ли поддршка, што е тоа што ви недостасува?

Засега, јас успевам со помош од моето семејство, секој член од семејството ми помага во нешто. Нивната поддршка ми е најважна бидејќи да ја немав, особено од децата, немаше денеска да бидам каде што сум. На пример, за уредувањето на социјалните мрежи, дизајнот и декорацијата помош добивам од ќерка ми, за набавка на амбалажа и транспорт од син ми. Сопругот ми помага во секојдневните обврски околу бавчата и правењето на зимница. Искрено, ништо не ми недостасува, имам се, само здравје и се ќе се сработи и се ќе си дојде на свое место.

Какви се вашите планови за во иднина? Во кој правец ќе се развива „Моја бавча“?

Имам големи амбиции – во моментов ми се вртат повеќе идеи, од сместување на туристи во Моја Бавча, па до поголеми тури низ демирхисарско. Би било убаво да може туристите повеќе време да потрошат во оваа природа. Да се разбудат од зраците на сонцето и од песната на славејчињата, да појадуваат домашен појадок.

Здравјето е најважно и само здрав човек е среќен човек. Би упатила и еден добронамерен совет и до нашите македонци – излезете од градовите, хранете се здраво и домашно и барајте го тоа богатство во селата. Да се потрудиме сите да ја зачуваме традицијата за правењето на домашната храна, како што тоа го правеле нашите баби и дедовци.

Сподели!
- Advertisement -