Технолошкиот гигант „Гугл“ минатата седмица го објави својот годишен преглед на најпребарувани термини, кои ги следат главните прашања што ја одбележаа 2023 година.
Податоците покажуваат дека луѓето ширум светот барале информации за нападот на Хамас на 7 октомври врз Израел, како и за воената кампања на Израел што следуваше потоа во Газа.
„Војната во Израел и Газа“ е на врвот на овогодишната листа на најпребарувани термини во делот „вести“ во САД, но и на глобално ниво. Истовремено, „Што е Хамас?“, „Што се случува во Израел“ и „Зошто Хамас нападна?“ се меѓу главните прашања кои биле пребарувани во САД годинава, а кои почнуваат со зборовите „што е“ или „зошто“.
Втор настан меѓу вестите што биле тренд на „Гугл“ годинава е и распрснувањето на подморницата „Титан“ во океанот додека се движеше кон остатоците од бродот Титаник и која поттикна масовна меѓународна потрага.
На трето место во делот „вести“ е разорниот турско-сириски земјотрес во февруари, во кој загинаа повеќе од 50.000 лица.
Меѓу најпребаруваните термини биле и смртта на ѕвездата на серијата „Пријатели“, Метју Пери, како и на пејачката Тина Тарнер. Најпребаруван филм бил „Барби“, по што следува „Опенхајмер“. Најпребарувани актерски имиња годинава се Џереми Ренер и Џена Ортега.
Најпопуларни игри, пак, на Гугл во 2023 година биле „Hogwart’s Legacy“ (Наследството на Хогвартс) и „ The Last of Us“ (Последниот од нас). Дамар Хамлин, Џереми Ренер и Ендру Тејт биле најпребарувани луѓе во пребарувачот на „Гугл“.
Извор – Мета
Фото – Pixabay