Како да се одбере најдобрата понуда за осигурување и да се видат разликите меѓу повеќето осигурителни компании, а да не се потроши многу време. Тоа е можноста која ќе ја нуди новата платформа Компа.мк, која ја започнува дигиталната трансформација на осигурителниот пазар со што на сите корисници, граѓаните, бизнисите и осигурителните компании ќе им понуди лесно споредување на сите достапни понуди на пазарот.
Компа.мк во моментов е се уште во развој, во фаза на тестирање на модулот за домаќинско осигурување, а еден од основачите на Компа, Дарјан Раденковиќ, во интервју за Иновативност најавува дека на пазарот ќе излезе на крајот на март годинава.
Новинар – Сања Наумовска
Дарјан, неодамна го најавивте вашиот нов стартап Kompa.mk. Кажете ни за што станува збор?
Компа е веб-платформа за споредба на осигурителни понуди од домашните осигурителни компании. Таа овозможува брз, лесен и разбирлив начин на споредба на сите достапни понуди, а со тоа и информиран избор на онаа полиса која најмногу ви одговара.
Компа користи дигитална технологија и напредни UX методологии за интуитивно корисничко искуство, кое гарантира дека за помалку од пет минути можете да ја видите, разберете и споредите целата понуда на пазрот за одреден тип осигурување.
Притоа, платформата ви препорачува најсоодветни понуди според параметри кои можете сами да ги внесете, а ви нуди и филтрирање на сите понуди по различни параметри доколку сакате сами да го направите изборот.
Бројот на осигурителни понуди и нивната споредба често може да биде збунувачка и да им одземе време на клиентите. Какви можности им дава Kompa.mk за надминување на овие состојби?
Компаниите во просек имаат по три понуди за поголемиот број типови на осигурување, со што доаѓаме до бројка од околу 30 понуди за секој од овие типови.
Ако се обидете да соберете половина од понудите, било со пребарување на сајтовите на компаниите, било преку нивно директно контактирање, потребни ви се денови. И да успеете да ги соберете, начинот на кој се претставени информациите кај секоја различна компанија, ќе ви ја направи споредбата мошне комплексна.
Главниот предизвик при развивањето на Компа, што воедно е и главната придобивка за корисниците, беше комплексната анализа на условите односно спецификите на секое осигурување и креирање информациска структура што е споредлива, односно едно „НЗС“ од информации кои се заеднички и споредливи кај секоја осигурителна понуда.
Токму ова овозможува на Компа да споредуваме јаболкa со јаболкa и круши со круши, наместо како досега кеса овошје со кеса овошје, без да знаеме што се’ од овошје има во секоја од кесите.
(Забелешка: извадокот е симулација и не ги претставува реалните понуди на компаниите)
Многу ми е мило што и осигурителните компании го видоа ова како придобивка, бидејќи едукацијата на пазарот за која толку многу се зборува, е многу поизводлива преку дигитална платформа за споредба како Компа.
На пример, осигурителните компании ќе имаат посебен линк на кој ќе бидат излистани само нивните понуди и ќе можат да го користат за теренска и директна продажба, наместо да печатат нови флаери и брошури со секоја промена на некој пакет. Кај нас таа промена се прави со неколку клика во позадинскиот софтвер што го развивме.
Така што, ние сме среќни да си ја земеме едукацијата на пазарот како наша задача, во име на сите.
Освен очигледното поедноставување на процесот на споредба и заштедата на време, што друго беше инспирација за да почнете да работите на ваков продукт?
Работев речиси пет години во осигурителниот сектор, и моето искуство е дека и граѓаните и осигурителните компании пропуштаат многу. Граѓаните да се заштитат подобро за мошне достапни цени, компаниите да го прошират пазарот кој го покриваат.
Ако ги прашате компаниите, проблемот е во неедуцираноста на пазарот. Ако ги прашате граѓаните ќе речат дека е во нетранспарентноста на компаниите. Ако ме прашате мене, вистината е некаде на средина, со тоа што сепак компаниите се тие кои се одговорни за едукација на граѓаните. Така што, може да се каже дека нашата инспирација е да направиме мост меѓу двете страни со цел сите да добијат повеќе.
Да илустрирам со факти. Просечна штета што може да ја направи излевање вода од пукната цевка во просечен стан е 4.000 евра. Просечна полиса за домаќинско осигурување за тој стан е 38 евра за цела година. Што значи да плаќате 100 години и само еднаш да се поплавите, вие сте во добивка. А при тоа полисата за тие 100 години ќе ве штити и од кражба, од пожар, од експлозија, од невреме и многу други ризици. Статистички гледано, многу поскапо ќе ве чини да не ја купите.
Од друга страна, бројот на осигурени домаќинства е константно под 10% изминативе 20 години. Најголемиот дел од нив се осигурени поради станбен кредит, односно затоа што е задолжително да извадат осигурување поради хипотеката. Тоа значи дека процентот на луѓе што свесно, информирано извадиле полиса е веројатно поблиску до 3-4%. Ова е доказ дека осигурителните компании потфрлиле во комуникацијата и едукацијата, штом со години има над 90% слободен пазар кој никој не го покрива, и тоа за продукт за кој што видовме дека е поскапо да не го купиш.
Така што, инспирацијата е и да се покаже дека може подобро. И дека една толку моќна индустрија, и финансиски и со човечки ресурси, како што е осигурителната, мора да води во иновација и дигитална трансформација, наместо само декларативно да се залага за тоа, а всушност да стои во место веќе предолго.
(Забелешка: извадокот е симулација и не претставува реална понуда на компанијата)
Колку време се развива платформата и кога може да се очекува на пазарот? Дали имате специфична таргет-група или ќе биде наменета и за домаќинствата и за бизнисите?
Платформата ја развиваме некаде од почетокот на минатата година. Во моментов сме во фаза на тестирање на модулот за Домаќинско осигурување, со кој очекуваме да излеземе на пазарот на крајот на март. Во меѓувреме започнавме со координација и со осигурителните компании околу тековна валидација на понудите, детали во начинот на презентација, како и на моделите на онлајн продажба на самата платформа, бидејќи ни е важно да се обединиме сите околу принципите на транспарентност, доверба, едукација и дигитализација.
Основна таргет група на Компа се сите корисници кои претпочитаат дигитално и сами да си го направат истражувањето пред да пазарат услуга или продукт. За наша среќа, оваа група секојдневно се зголемува.
Рани усвојувачи на Компа очекуваме да се и програмерите, фриленсерите и другите дигиталци, посебно во фазата кога ќе стане активен модулот за Приватно здравствено осигурување, бидејќи еден од предизвиците изминативе години за оваа група беше токму разбирањето и споредбата на понудите од оваа класа на осигурување.
Што се однесува до бизнисите, сега за сега не можеме да им понудиме голема вредност бидејќи ја уживаат привилегијата да добиваат индивидуализирани понуди на база на обем. Ние прво ќе се обидеме тоа да им го овозможиме на индивидуалните корисници, односно на граѓаните.
Какво влијание очекувате вашата иновација да има на осигурителниот пазар? Што ќе биде најголемиот бенефит за клиентите?
Компа ја гледаме како катализатор на осигурителниот пазар, кој преку дигитализација, транспарентност и разбирливост, ќе ја врати довербата на граѓаните во осигурителната индустрија. Потоа, ќе ја подигне свеста за важноста на осигурувањето за финансиската добросостојба на граѓаните. И конечно, ќе ги донесе оние ниски проценти на осигуреност на населението кои ги споменавме на некое понормално рамниште.
Најголемиот бенефит за клиентите ќе биде зголемувањето на нивната физичка и финансиска безбедност, преку откривање на понуди кои навистина имаат одлична вредност за нив. При тоа ќе заштедат не само пари, туку и време, кое некогаш е и најголемата пречка или ако сакате изговор зошто не извадиле осигурување, за кое и самите се прилично свесни дека им треба.
На овој проект соработувате и со Фондот за иновации и технолошки развој. Што значеше тоа за развојот на платформата?
Идејата за Компа кај мене беше присутна долго, во вид на желба да покажам дека има многу неискористен потенцијал во дигитализацијата на осигурувањето. Меѓутоа кариерата ме насочуваше постојано на места на кои динамиката и растот беа преголеми за да можам да одвојам време и концентрација да работам на идејата оперативно.
Со добивањето на средствата од Фондот за иновации се отвори вистинска можност за планиран и структуриран развој на платформата. Не зависиме само од нашето слободно време, не импровизираме, ангажиравме експерти за сите потребни сегменти на развој, направивме јасен развоен и бизнис план, буџетиравме темелно, развивме go-to-market стратегија. Со шансата што ни ја дадоа тие средства дојде и одговорноста да извадиме максимум од нив и сега сме максимално фокусирани на Компа.
Инаку, за сега соработката на проектот е одлична, моето лично искуство со Фондот е одлично и сметам дека е единствената опиплива алатка во Македонија за младите претприемачи да ги реализираат своите идеи, да добијат шанса и за успех, па макар и за неуспех, што кај нас е луксуз кој многумина не можат да си го дозволат, а некогаш е неопходен чекор на патот кон некој иден поголем успех.
Какви се вашите планови за во иднина?
По однос на развој на продуктот, краткорочно планот е да понудиме што повеќе типови осигурување на платформата, што поскоро. Среднорочно, да ја прошириме понудата и на други услуги, како што се банкарските и телекомуникациските. Долгорочно, системот за управување со продукт информации (PIM) што е во позадина на Компа, а кој го изградивме сами, да го понудиме глобално како SaaS или whitelabel за брокерски друштва.
Дополнително податоците од користењето на платформата со кои ќе располагаме, би сакале да ги искористиме за во соработка со компаниите во иднина да изградиме заеднички осигурителни продукти, многу помодерни и поприлагодени на потребите на корисниците од сегашните, од кои дел не се променети предолго.
По однос на технологија, веднаш да кажам дека нашата палтформа не е базирана на AI како сите останати во светот, барем не во моментов. Базирана е на темелна анализа на продукти од страна на експерти од осигурителната индустрија, кои сега работат во софтверски компании и имаат големо искуство во развивање дигитални продукти. Имаме базичен алгоритам за рангирање на понуди по 5 основни параметри и план како да го детализираме преку инпут на вредности од секој најситен параметар на осигурувањето, како и да го автоматизираме преку давање пристап на самите осигурителни компании да ги менаџираат своите понуди и во реално време да ги внесуваат промените. Па кога ќе имаме јасна претстава како можеме да ја употребиме вештачката интелигенција, но во вистинска смисла на зборот, ќе бидеме среќни да ја вклучиме.
Кажете нешто за тимот што стои зад платформата.
Покрај фактот што Компа идеално ги обединува сите мои претходни работни искуства – во осигурителната индустрија, во маркетингот, дигиталната трансформација, стартап екосистемот, најголем мотив да се посветам целосно на продуктот беше тимот кој застана зад Компа.
Тоа се млади луѓе, со идеален микс на искуство во осигурителната индустрија и tech индустријата. Со сите сме делеле и претходно работно искуство и познавањето на нивната работна етика и способности за решавање проблеми ми е најголема потпора во водењето на компанијата.
Технички ко-основач на Компа е Андреј Гаштеоски, еден од водечките девелопери во Eurail, кој работеше на нивниот нов систем за поврзување на сите железнички линии во Европа во единствена платформа за купување билети. Тоа е систем што во денови на промоција генерира и по 2 милиони евра дневна продажба.
Третиот партнер во Компа е Иван Стевков, брокер со огромно теренско искуство во индустријата, на менаџерски продажни позиции во неколку осигурителни компании, кој се грижи да не испуштиме нешто важно од пазарните текови и регулативата додека сме задлабочени во кодот и дизајнот на корисничко искуство.
Андријана Нарашанова го насочуваше продукт тимот во споменатата комплексна анализа на осигурителните продукти и со своето големо минато искуство во осигурителната индустрија како underwriter и сегашното во софтверската како product owner, успеа да му помогне на тимот да дојде до методологија на споредба која е пазарно, правно и дигитално издржана.
Огромен придонес даде Дани Јанев, кој направи сериозен апгрејд на UX/UI дизајнот што го имавме во почетниот wireframe. Со неколку негови дизајн одлуки успеавме да дојдеме до понапредно UX решение од стандардно усвоените на сличните глобални платформи за компарација. А имајте предвид дека UX-от е главната додадена вредност на нашиот продукт покрај анализата на понудите.
Тука се и Андреј Наумовски, еден од најискусните фронт-енд девелопери кај нас, Филип Аспровски како бекенд девелопер, Бојан Павлов задолжен за развој на WP сегментите на Компа. И уште неколку драги девојки и дечки кои за сега не можам да ги именувам, но заедничко за нив се нивниот огромен талент и искуството во осигурителната индустрија од која не се повеќе дел.
И токму последново зборува можеби најдобро за потребата за исчекор напред и зголемување на отвореноста на осигурителната индустрија кон новата реалност на пазарот. Фактот што една од најмоќните индустрии во континуитет не успева да ги задржи најголемите таленти на пазарот е поразителен. Се надевам дека Компа ќе го смени тоа и дека нашиот пример ќе го следат и другите во осигурителната индустрија.