Mожностите на винските пазари и значењето на географските ознаки за македонското вино – теми на регионалната конференција за вино

- Advertisement -

Како да се искористат актуелните трендови на глобалните вински пазари заради подобро позиционирање на македонското вино, како да се зголеми препознатливоста на нашите вина, зошто е исклучително важно воведувањето на географски ознаки на виното и какви придобивки ќе донесе овој процес. Ова се само дел од прашањата за кои се дискутираше на регионалната конференција за вино, што ја организираа здружението „Вина од Македонија“ и Винарската визба „Тиквеш“, во соработка со Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ).

„За да се зголемат продуктивноста и додадената вредност на домашната винска индустрија, нејзината конкурентност и вредноста на извозот, како и нејзината отпорност на тековните предизвици, вклучувајќи ги ризиците од климатските промени, неопходни се големи вложувања во знаење, во нови технологии и дигитализација, во организација, окрупнување на лозјата и создавање ефикасни кооперантски односи, како и во воведување нови правила, стандарди и механизам за државна поддршка и поголема регионална соработка. Сето ова мора да се заснова на научен пристап, користејќи ги искуствата на развиените земји кои поминале низ оваа трансформација и можат да ни помогнат да го оствариме она што е нашата главна задача – зголемување на извозот на квалитетно вино кое ќе биде препознатливо и ценето од потрошувачите ширум светот“, порача во своето воведно обраќање на конференцијата, претседателот на здружението „Вина од Македонија“, Светозар Јаневски.

- Advertisement -

Во рамки на конференцијата се одржаа три работни сесии на кои, за состојбите на глобалниот пазар на вино, за спецификите на посебните пазарни ниши во Европа и за значењето на правните и техничките услови за извоз на вино, говореа реномирани експерти од универзитетот „Гајзенхајм“ во Германија, професорите Јон Ханф и Силвија Димер. Една од поважните пораки што ја потенцираа експертите се однесуваа на важноста на заедничкиот настап на компаниите на пазарот, истакнувајќи дека ваквиот пристап може да креира ефективни резултати доколку секоја компанија настапи одговорно и самостојно покрај заедничките активности како кластер.

Поздравувајќи ја организацијата на оваа конференција, регионалниот советник за земјоделство во германската амбасада во Скопје, Франк Мулер го нагласи значењето на соработката помеѓу здружението „Вина од Македонија“ и ГИЗ, акцентирајќи дека за долгорочен одржлив развој на винската индустрија неопходна е соработка и со универзитетите, бидејќи научниот пристап во воведувањето и примената на унифицирани стандарди за производство и пласман на висококвалитетно вино од регионот е повеќе од неопходен.

- Advertisement -

За најновите движења во интра-регионалната трговија со грозје и вино во рамките на Западен Балкан, говореше и извршната директорка на Здружението „Вина од Македонија“ Елена Младеновска-Јеленковиќ, која ја нагласи неопходноста од воспоставување заеднички вински бренд со загарантирано географски потекло, како еден од клучните предуслови за зголемување на препознатливоста на овдешните вина од страна на потрошувачите на пазарите во ЕУ и пошироко.

Сподели!
- Advertisement -