Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) и Јапонската организација за надворешна трговија (ЏЕТРО), во Скопје потпишаа меморандум за соработка, чија цел е полесен влез на јапонски компании во земјата, како и воспоставување поблиска соработка меѓу македонските и јапонските компании, особено во делот на заеднички проекти во градежништвото и иновациите.
„Ова е почеток на една многу важна соработка. Очекувам дека во следниве денови јапонската делегација, во која има и претставници на големи јапонски компании, ќе ги препознаат потенцијалите за соработка. Особено е важно што еден од столбовите на меморандумот што го потпишавме денеска е можноста за заедничка соработка на македонски и јапонски компании во проектите за обнова на Украина. Тоа што имавме можност летоска при посетата на Јапонија да го разбереме е дека има сериозен интерес, особено од големите јапонски банки, да ги финансираат овие проекти, кои очекуваме дека набргу ќе се случат по завршувањето на конфликтот, така што еден од фокусот на посетата е токму тоа – разговор меѓу македонските и јапонските компании како да се искористат нашето искуство и нашата блискост на овие пазари и нашите компании заедно со јапонските да добијат дел од тој колач на реконструкција“, изјави директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Јован Деспотовски.
„Идејата на оваа посета беше да им се овозможи на јапонските компании да се запознаат со менталитетот во Северна Македонија, деловните активности и да се воспостават деловни врски меѓу јапонските и македонските компании. Во последните неколку години ЏЕТРО интензивно работи на воспоставување деловни врски, особено во областа на иновациите. Се надеваме дека со оваа посета ќе се воспостави и потесна врска меѓу јапонските и стартап-компаниите во Северна Македонија“, рече директорот на ЏЕТРО од Виена, Татсуо Камино.
Извор – Макфакс