Дамјан и Билјана Гаврилоски ги прават најубавите домашни сланини и колбаси и освојуваат награди!

- Advertisement -

Дамјан и Билјана и нивните деца Сретен и Магдалена стојат зад брендот „Гаврилоски“ и веќе десетина години произведуваат домашни производи од месо. Традицијата и старите рецепти се дел од производството кое ова семејство го негува, што нивните призводи ги прави едни од најдобрите во регионот. Доказ за тоа се наградите кои брендот Гаврилоски секоја година ги собора на манифестациите посветени на домашните преработки од месо.

Во интервју за Иновативност, Дамјан и Билјана велат дека нивните продукти се посебни бидејќи во нив нема никакви додатоци или вештачки состојки. Посочуваат дека традиционалниот начин на производство на храна е и здрав начин бидејќи додека се негува наследството на нашите предци во приготвувањето на храната, истовремено се заштитуваaт природата и околината.

- Advertisement -

Новинар – Сања Наумовска

Дамјан, раскажете ни како производството на преработки од месо стана ваша главна преокупација?

- Advertisement -

Во нашето семејство од секогаш се правеле домашни производи од месо, приготвувани на старински начин научен од нашите баби. Во еден момент во мојата душа се роди желбата да го прошириме овој процес на производство и да ги понудиме нашите вкусни деликатеси на поголем број на луѓе.

Во нашата традиционална метода на приготвување на месни производи, го вклучуваме целото наше семејство. Секој од нас има своја задача, што го чини овој процес посебно значаен. Некогаш се случува да работиме и по 20 часови на ден, но работиме во хармонија, во слога и ниту една работа не ни е тешка. Продажбата на нашите производи се врши директно од куќен праг, а количините се прилагодуваат според барањата и временските услови.

- Advertisement -

Какви производи произведувате?

Нашите производи се домашни трајни и полутрајни, правени на база на пршута. Тука спаѓаат вратот, бутот, печеницата и сланината. Исто така приготвуваме и говедска пршута. Како полутрајни производи, правиме и домашен димен колбас, кој ја носи истата автентична вкусна нота како и нашите други деликатеси.

Што се однесува до производството, целиот процес се прави рачно. Нашиот метод вклучува суво солење на месото со употреба на морска сол. Месото потоа одстојува во ладна просторија, со повремено досолување за да се постигне совршена балансираност. По одреден период месото се одсолува и се подготвува за димење. Се дими на ладен дим, а времетраењето зависи од дебелината на суровината. Потоа производите зреат неколку месеци, заради што еден дел од семејната куќа го пренаменивме за потребите на овој процес.

Во ѓто е тајната на добриот домашен производ?

Природните состојки, љубовта и посветеноста. Исто така, долготрајното произвдоство го прави производот поквалитетен. Сланината и сите други производи што ги имаме не содржат вештачки бои, ароми и адитиви. Се е на природна база.

Наградите кои ги освојувате, од кои доста и во Србија, земја позната по своите производители на месо, зборуваат дека сте го усовршиле занаетот. Што значи тоа за вас, добивате ли дополнителна мотивација?

Да, наградите се многу голема мотивација, а и доказ за квалитетот на нашите производи. Таквите награди, нè само што го потврдуваат нашиот труд и посветеност кон квалитетот, туку и ни даваат дополнителна мотивација да продолжиме да го подобруваме и усовршуваме нашиот производен процес. Секоја награда нè поттикнува да бидеме подобри и да ги задржиме стандардите на квалитетот.

Член сте на Слоу фуд Македонија. Како низ вашиот  пример ја поддржувате филозофијата на поврзување на храната со традицијата и природата?

Самото име „Слоу фуд“ го промовира концептот на бавното правење на здрава храна, што се вклопува во нашиот начин на производство на месо и со задоволство го следиме ова мото. Произведуваме домашно одгледано месо на начин кој е во согласност со природата и традицијата. Не користиме додатоци или вештачки состојки, што ги одвојува нашите производи како природни и здрави. Преку ова, ние го поддржуваме здравиот начин на производство на храна и ја заштитуваме околината, додека истовремено го негуваме наследството на нашите традиции во приготвувањето на храната.

Дали во земјава е предизвик да се најде квалитетна суровина? Од каде набавувате месо?

Секако дека е предизвик и голем проблем да се најде квалитетно месо, меѓутоа и тоа е дел од работата. Потребно е да се препознае добриот квалитет затоа што без добра суровина нема добар производ. Месото го набавуваме од локалните фарми и секогаш бараме да е свежо и квалитетно.

Какви се вашите планови за во иднина?

Моментално имаме палета од седум-осум производи, но правиме проби и се надеваме дека ќе бидат успешни за да направиме уште некој производ кој што ќе отскокнува од оние кои сега се на пазарот. Секако,  сите наши производи одлично одат со квалитетното македонско вино, па може во иднина да се роди и идеја за да се спојат и да се понудат како пакет на едно место.

Сподели!
- Advertisement -