Вината на Вардарска Долина – Chateau Rizov ја промовираат Македонија во Европа, Канада и во Јапонија

- Advertisement -

Да се ужива во прекрасна природа, со поглед на лозови насади, да се јаде вкусна храна, подготвена по традиционални рецепти од македонската кујна и да се пие прекрасно вино, се чини како да е слика од рајот на земјата, а всушност е реалноста која се искусува во винаријата Вардарска Долина – Chateau Rizov во неготинското село Курија.

Сместена во срцето на Тиквешијата, најпознатиот вински регион во земјава, винаријата Вардарска Долина – Chateau Rizov е уникатно искуство за секој посетител, домашен или странски турист, кој сака да ја доживее винската приказна на Македонија. Земјата на сонцето раѓа извонредно грозје, кое мајсторите на винскиот занает овде го претвораат во висококвалитетно вино со специфичен и добро познат вкус.

- Advertisement -

Вардарска Долина – Chateau Rizov, која започнува како мал семеен бизнис, повеќе од две децении расте и ја промовира Македонија и македонското вино на повеќе пазари во регионот и Европа, но и во Канада и Јапонија. За развојот и плановите на Вардарска Долина – Chateau Rizov разговараме со Митко Јаначков, млад претпримач и продажен менаџер во винаријата. 

Митко, раскажете ни ја приказната за Вардарска Долина – Chateau Rizov.   

- Advertisement -

Винаријата Вардарска Долина е основана во 2000 година од Андон Ризов. Тој, по долгогодишната работа во странство, се враќа во татковината и својата љубов кон виното ја преточува во сопствено производство на вино и негова промоција во Европа и пошироко. Лоцирана во срцето на тиквешкото виногорје, на локацијата на која и денеска опстојува, во неготинското село Курија, нашата винарија има сопствени лозови насади. Заради поволните климатски услови, белите сорти на грозје се наоѓаат во непосредна близина за објектот на винаријата, односно во Курија, додека лозовите насади од кои го произведуваме нашето црвено вино, се наоѓаат на југот од нашата држава во селото Марвинци, валандовско, во близина на локалитетот Исар.

Иако целата приказна на Вардарска Долина – Chateau Rizov започнува како мал семеен бизнис, денеска ние сме многу поголемо семејство, во кое секој има сопствена улога и придонес. Но, она што е заедничко кај секого е љубовта кон виното, љубовта кон она што го создава природата и секако љубовта кон Македонија, со оглед на тоа што наша примарна цел е промоција на убавините и квалитетите на нашата прекрасна земја.

- Advertisement -

Колку видови вино произведувате? Можете ли да издвоите кои од вината се фаворити на купувачите? 

Во нашата винарија произведуваме вино исклучиво од високосортни сорти на грозје како што се Темјаника, Гевурцтраминер, Грашевина и Шардоне, од кое дел и го барикираме. Од црвени вина произведуваме Вранец, Каберне Совињон и Мерло, а за првпат годинава се потрудивме и успешно произведовме и барикирано Куве, кое е совршена симбиоза на неколку наши висококвалитетни црвени вина, кое на пазарот ќе се пласира под називот ЕДЕН или Eden што значи рајска градина на англиски јазик.

Секое наше вино има сопствени карактеристики, а и посебно значење за нас, и од таа причина сметаме дека единственото право за прогласување на фаворитот помеѓу нашите вина го имаат купувачите.

Кажете ни како изгледа една винска тура во винаријата Вардарска Долина – Chateau Rizov.

Тоа што не разликува од другите винарии во Македонија е посебноста на тероарот. Нашите посетители истото го забележуваат при самото пристигнување во нашиот вински рај. Со претставување на процесот на производство, од делот каде што се превзема грозјето на обработка, па се до садовите каде се преработува и произведува вино, започнува винското патување. Гостите го посетуваат и нашиот најнов дел каде ги испраќаме на одлежување вината кои се барикираат, односно тоа е делот распослан со дабови и буриња од акација, кои даваат посебен шмек на автентичност и традиција во производството на македонско вино. На крај, следува винска дегустација, придружена со локални специјалитети од богатата македонска кујна, за целокупно задоволство и уживање на нашите посетители.

Колкави количини произведувате и на кои пазари го пласирате виното од брендот “Ризов“?

Како винарија располагаме со капацитет од 1.500.000 литри вино годишно, што иако е голем предизвик за нас, успешно го исполнуваме. Најголемиот дел од нашето производство, околу 90 отсто го пласираме на извозните пазари и тоа во Русија, Германија, Чешка, Полска, Канада, Јапонија, како и во соседните Бугарија, Хрватска и Србија.

Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате на патот да создадете добри вина?

Водејќи се водиме од премисата дека не постои проблем за кој нема решение, ние секогаш се трудиме да го дадеме својот максимум, пред се инвестирајќи во најсовремената опрема за производство. На тој начин, со многу труд, со следење на светските текови и примена на нови знаења од областа на лозарството и винарството, но и осовременување на технолошките процеси засега со успех ги надминуваме предизвиците, и се надеваме дека така и ќе остане.

Македонија е земја на виното, особено вашиот крај. Кои се можностите за развој на вашата винарија што ви ги нуди ширењето на винската приказна?

Ние како винарија сме постојано во фаза на инвестиција и надоградување, како во делот на зголемување на капацитетите за производство, така и во делот на претставување на она што го работиме. Постојано работиме на промоција на вредностите кои ние и како тиквешки регион, но и држава можеме на светот да му ги понудиме. Тоа го гледаме како нашиот најголем придонес во ширењето на винската култура.

Винската приказна на Вардарска Долина – Chateau Rizov не е сон, туку јаве, и тоа треба да се слушне и види, но пред се, треба да се доживее.

Врската вино-храна –туризам е многу лесно споива, а Македонија има што да понуди во секој сегмент. Кои услови треба да се исполнат за да станеме и барана винска дестинација за што повеќе посетители?

Туристичкиот потенцијал на Македонија, а особено винскиот туризам е неспорен. Сметаме дека она што најмногу ни недостига е промоција, прво на македонските вина, но и на приказната за Македонија како винска држава. На светот мора да му го доближиме знаењето за квалитетот на македонското вино и на топлото гостопримство кое е во самата наша генеза, што на крај креира еден совршен спој за вистинско туристичко уживање.

Каков, според вас, е потенцијалот на виното во земјава, во кој правец сметате дека треба да се развива индустријата?

Потенцијалот е огромен. Но, особено во последните години мора да се имаат предвид и климатските промени, кои несомнено влијаат на производството на грозје, а со тоа и на производството на вино. Оодредени сорти на грозје полека исчезнуваат, што не значи дека треба да се откажеме од лозарството, туку напротив да се преориентираме кон оние сорти на грозје кои последниве години се истакнуваат со својот род и квалитет.

Какви се вашите планови за во иднина?

Како и досега планираме да продолжиме со многу работа и посветеност кон развој и промоција на нашата винарија и вината. Продолжуваме со континуирани инвестиции во најсовремените технологии и зголемување на капацитетите за производство, освојување на нови пазари, како и промоција и работа во делот на винскиот туризам.

Веќе ни е во функција и винскиот ресторан, кој е во склоп на објектот на винаријата и ги покануваме сите љубители на врвно македонско вино и локални гастрономски специјалитети од традиционалната македонска кујна, да не посетат и заеднички да пишуваме  една поинаква винска приказна, светска, но сепак македонска.

Сподели!
- Advertisement -