Компанијата Мeta затвори десетици илјади профили на Instagram од Нигерија како дел од борбата против измамите со цел сексуална изнуда. Таргетирани биле претежно возрасни мажи од САД, но меѓу нив имало и малолетници.
Овој потег на Meta е дел од поголемите напори за борба против измамата поврзана со сексуална изнуда на платформата Instagram во последните месеци. Претходно оваа година компанијата додаде безбедносна функција на пораките на Инстаграм за автоматско откривање на голотијата и ги предупреди корисниците за потенцијални измами со уцена. Компанијата обезбеди и ресурси во рамките на апликацијата и безбедносни совети кои ќе им помогнат на корисниците во случаите на споменатите измами.
Мета рече дека меѓу 63.000 деактивирани профили на Инстаграм имало 2.500 кои биле поврзани со група од околу 20 луѓе, кои соработувале и вршеле измами. Отстранети се и илјадници Facebook групи, кои давале различни совети, како и скрипти и лажни фотографии за идните измамници. Овие сметки биле поврзани со групата Yahoo Boys, „лабаво организирани сајбер-криминалци кои оперираат главно од Нигерија и се специјализирани за разни видови измами“.
Meta е под посебна лупа затоа што не направи доволно за да ги заштити тинејџерите од сексуална злоупотреба на своите апликации. За време на сослушувањето во Сенатот претходно оваа година сенаторот Линдзи Греам го праша извршниот директор Марк Цукерберг дали родителите на детето кое извршило самоубиство откако било измамено треба да можат да ја тужат компанијата.
Иако компанијата тврди дека повеќето од измамниците откриени неодамна биле насочени кон возрасни корисници, меѓу жртвите имало и малолетници.
(Klix.ba)
(фото: Negative Space)