Американската компанија за транспорт и услуги за испорака Uber и кинескиот производител на автомобили BYD најавија повеќегодишно партнерство, кое треба да донесе 100.000 нови електрични возила на патиштата во Европа, а потоа и во Латинска Америка.
Партнерството ќе им гарантира на возачите на Uber пристапни цени и финансирање за електричните возила на BYD, а по почетната европска и латиноамериканска фаза, треба да ги вклучи Блискиот Исток, Канада, Австралија и Нов Зеланд, објави компанијата.
За поддршка на транзицијата кон електрични возила, Uber и BYD ќе им понудат на возачите попусти за одржување на возилата, полнење на батериите, финансирање и лизинг, во зависност од пазарот.
„Кога возачот на Uber ќе се префрли на електрично возило, неговите резултати од емисијата на гасови може да бидат до четири пати подобри од оние на обичен возач, едноставно затоа што повеќе е на пат“, рече извршниот директор на Uber, Дара Косровасахи.
Компаниите додадоа дека ќе работат заедно за да ги вклучат возилата на BYD и нивните технологии за самоуправување во транспортната платформа на Uber.
(Index)
(фото: Flickr)