Општина Аеродром продолжува со реализација на проектот „Clean Air – нула цврст отпад во Општина Аеродром“ и останува отворена за соработка со другите општини, за имплементација и на други вакви или слични проекти, со кои се зачувува животната средина, се придонесува за почист воздух и поздрава почва за сегашните и за идните генерации.
Општина Аеродром доби машини за рециклирање на ПЕТ пластични шишиња и лименки, а над 10 илјади домаќинства добиваат торби за домашна селекција на отпад од пакување.
Машините за рециклирање и торбите за примарна селекција на отпад од пакување за домашна употреба беа презентирани денеска во рамките на проектот „Clean Air – нула цврст отпад во Општина Аеродром“ на настан што се одржа во ООУ „Лазо Ангеловски“.
Станува збор за 11 машини што се поставени во дворовите на сите основни училишта и во две градинки, со што преку мотото „Рециклирај, донирај, подобри“, Општина Аеродром има цел да ја подигне свеста за зачувување на здравата и чиста животна средина, особено кај најмладите.
Притоа со ова се развива конструктивна компетитивност меѓу основците, а Општина Аеродром ќе го валоризира рециклирањето во машините како директна субвенција за училиштата, затоа што повратните средства за секоја рециклажа ќе остануваат во самите училишта.
Проектот се спроведува со поддршка на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, како и Швајцарската амбасада, кои за негова реализација издвоија околу 600 илјади евра.