ФАО го одбележa Светскиот ден на храната во Македонија

- Advertisement -

Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) во партнество со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, денеска го одбележаа Светскиот ден на храната под мотото ‘’Правото на хранa за подобар живот и подобра иднина’’.

Затоа ја посетивме живинарската фарма „Домашно пиле“ на земјоделецот Тони Димевски во село Огњанци, општина Петровец, попозната како Фармата на Тони, која постои од 1999 година. Настанот имаше за цел да го истакне клучниот придонес на малите земјоделци, кои произведуваат околу една третина од храната глобално.

- Advertisement -

Мораме да ја зголемиме видливоста на нашите „Херои на храната“ и да ја засилиме поддршката за малите земјоделски стопанства, кои играат клучна улога во обезбедувањето на здраво, квалитетно и достапно производство на храна за сите граѓани. Преку нивно зајакнување, ја подобруваме конкурентноста, создаваме нови работни места и ги подобруваме условите за живот во руралните средини“, истакна министерот за земјоделство , шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски во неговото поздравно обраќање.  „Нашите политики се насочени кон обезбедување на еднаков пристап до хранлива и безбедна храна за сите, особено за најранливите групи во општеството“, посочи министерот.

Во своето обраќање, Деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје, Професор д-р Миле Маркоски, ја нагласи клучната улога на домашното земјоделско производство не само за обезбедување на храна, туку и за развојот на економијата и заштитата на животната средина. Тој упати силен апел до младите генерации да го препознаат земјоделството како динамична, наградувачка и долгорочно исплатлива кариера, преку која можат активно да придонесат за создавање на одржливи системи на исхрана. Според него, земјоделството не е само професија, туку мисија која има директно влијание врз иднината на храната, здравјето на луѓето и заштитата на нашата планета.

- Advertisement -

Кристина Митиќ Арсова, Национален програмски координатор на ФАО, ја истакна важноста на Светскиот ден на храната кој се одбележува секоја година на 16 октомври, денот на основање на Организацијата во 1945 година. ‘’Овој ден е посветен на подигнување на свеста за глобалниот проблем со гладот и на повикување на колективна акција во градење на одржлива иднина за храната, населението и планетата. ‘’Оваа година одбележуваме и значајна пресвртница – 20-годишнина од усвојувањето на Доброволните упатства за правото на храна, како основно човеково право, вградено во меѓународното право, за чие спроведување ФАО се залага низ годините. Колективната акција во над 150 земји низ светот го прави Светскиот ден на храната еден од најзначајните денови во календарот на Обединетите нации’’ – истакна Митиќ Арсова.

За ова да се оствари, потребни се силни заложби, иновации и соработка меѓу владите, приватниот сектор и граѓанското општество. Само преку колективна акција можеме да осигураме дека секој има пристап до безбедна, разновидна и хранлива храна, за подобра иднина за сите.

- Advertisement -

Тони Димевски, кој почнал со производство на јајца, па одгледувал несилки, а од 2008 година почнува со бројлерско производство. На фармата почнал со обработка на 250 пилиња, а денеска обработува 20,000 пилиња месечно, односно 250 илјади пилиња годишно кои ги дистрибуира исклучиво свежи, за домашниот пазар. Како домаќин на настанот, тој заедно со неговиот 13 годишен внук Максим, кој е активно вклучен во семејното земјоделско стопанство, ги презентираше четирите современи објекти за одгледување на бројлерски пилиња, опремени со најсовремена опрема за примена на енергетски-ефикасни и одржливи производствени методи – автоматско хранење, напојување со вода, вентилација и греење. Тони ги презентираше и своите планови за проширување на бизнисот, со изградба на уште шест објекти за одгледување на пилиња со што ќе го дуплира производството за домашниот пазар. Во моментов гради и нова сопствена кланица за обработка на пилињата и нивна дистрибуција до маркетите и месарниците, исклучиво свежи. Дополнително, за да обезбеди здрави бројлерски пилиња и квалитетно пилешко месо, Тони самостојно произведува домашна здрава храна на неговите пилиња. 

Фармата на Тони е семеен бизнис кој го вклучува целото семејство – сопругата, синовите и нивните семејства. Секој член има специфична улога и важен придонес, а заедно се ангажирани во напорна работа и непрекинато усовршување. Целта е да се обезбеди одржливост, да се зајакне довербата кај потрошувачите, да се гарантира висок квалитет на домашни производи и да се осигура пренесување на бизнисот на идните генерации’’ – истакна Тони Димевски.  За Тони, земјоделството претставува повеќе од начин на живеење — тоа е семејна традиција и длабока посветеност кон производство на квалитетна домашна храна и форсирање на здрави навики на исхрана.

На настанот присуствуваа преку 50 претставници од институции, академската заедница, здруженија на земјоделци, меѓународни организации, како и студенти од Факултетот за земјоделски науки и храна.

Сподели!
- Advertisement -