Кинеската компанија Space Transportation, со седиште во Пекинг, објави дека успешно тестирала прототип на комерцијален транспортен авион кој може да лета со речиси двојно поголема брзина од првиот суперсоничен патнички авион во светот, легендарниот „конкорд“.
Компанијата Space Transportation, локално позната како Lingkong Tianxing Technology, направи пробен лет со својот прототип на авионот „јунксинг“. Овој авион може да лета со брзина од 4 маха, што е околу 4.939 км/ч.
Планот е сега да се изврши ново тестирање на моторот во ноември, додека суперсоничното летало со целосна големина ќе го направи својот прв лет во 2027 година.
Легендарниот „конкорд“ ги собори сите рекорди на суперсонични патнички летови кога дебитираше и беше дизајниран и произведен од Sud Aviation, која подоцна стана дел од Aerospatiale, денешниот Airbus и British Aircraft Corporation. За „конкорд“ сè уште се зборува како ремек-дело на воздухопловната технологија.
„Конкорд“ беше првиот суперсоничен турбомлазен авион кој влезе во служба и превезува патници преку Атлантикот со двојно поголема брзина од звукот. Користеше мотори на Rolls-Royce Olympus и можеше да достигне брзина од 2.179 km/h.
Споменатата кинеска компанија сега сака да го собори тој рекорд со воведување на комерцијален авион кој може да лета со брзина од 4 маха. Овој авион ќе може да лета меѓу Пекинг и Њујорк за околу два часа.
Новиот прототип има уште некои интересни карактеристики, меѓу кои и можноста за вертикално полетување и слетување, како и лет на височина од 20.000 метри.
Компанијата за вселенски транспорт е основана од Јудонг Ванг во 2018 година и дизајнира и произведува системи за вселенски транспорт со цел да ги намали трошоците за истражување на вселената. Во мај 2022 година компанијата ја заврши мисијата Јао-10, за која ја искористи ракетата Tianxing I.
(Klix.ba)