Повеќе од половина од граѓаните на Северна Македонија, односно 56%, имаат доверба во Европската Унија, покажува есенското истражување на Евробарометар за 2024 година.
Слична доверба кон ЕУ изразуваат и граѓаните на Босна и Херцеговина, додека Албанија со 81% води меѓу земјите кандидати, следена од Црна Гора (75%), Косово (70%) и Грузија (58%). Помала доверба од македонските граѓани изразуваат Молдавците со 52%, додека граѓаните на Србија (38%) и Турција (42%) се под 50%, иако во двете земји довербата бележи раст во однос на пролетното истражување.
Во рамките на ЕУ, довербата во Унијата достигнува 51%, што е највисоко ниво во последните 17 години. Младите Европејци на возраст од 15 до 24 години се најголеми поддржувачи, со доверба од 59%. Во исто време, 74% од Европејците изјавиле дека се чувствуваат како граѓани на ЕУ, а 61% се оптимисти за иднината на Унијата.
Европејците најмногу веруваат дека ЕУ треба да се фокусира на безбедноста и одбраната (33%), миграцијата (29%), економијата (28%) и животната средина (28%). Поддршката за заедничката валута, еврото, е исто така на највисоко ниво, со 74% одобрување на ниво на цела Унија.
Есенскиот Евробарометар покажува дека Европејците гледаат на ЕУ како на место на стабилност и сила, особено во време на глобални предизвици како што е руската инвазија врз Украина. Анкетата е спроведена во земјите членки на ЕУ, девет земји кандидати и Велика Британија, со вкупно 26.525 испитаници само во ЕУ.
Фото – Flickr