Специјализираниот портал AirHelp, кој обезбедува поддршка за патниците на авиокомпаниите ширум светот, го вклучи Air Serbia на високото 10-то место на својата годишна листа на најдобри авиокомпании за 2024 година.
Листата е составена врз основа на анализа на 109 авиокомпании, а рангирањето е направено според комбинирани оценки во три клучни категории: општо мислење на патниците, точност на времето на полетување и слетување и ефикасност во справувањето со жалбите.
Кога станува збор за општото мислење на патниците, истражувањето е спроведено од 1 јануари до 31 октомври 2024 година.
На него учествуваа речиси 20.000 патници од 54 земји, кои ги оценуваа авиокомпаниите според квалитетот на кабинскиот персонал, удобноста, чистотата, квалитетот на храната и содржината во летот.
Меѓу првите десет компании на листата се светските лидери како што се Qatar Airways, американските компании United Airlines и American Airlines, како и европските авиопревозници Austrian Airlines и Polish LOT.
Од друга страна, компаниите како Etihad Airways, Eurowings, Iberia, Delta Airlines, Crotia Airlines, Air France, KLM и други се послабо позиционирани од српската национална авиокомпанија Air Serbia.
Порталот Air Help е светски познат по својата експертиза во обезбедувањето поддршка на патниците во остварувањето на нивните права.
(Bizlife)
(фото: Flickr)