Како што продолжува да расте провлемот со гојазноста, ногумина се свртуваат кон лекови како „оземпик“ за губење на тежината, но со значителни несакани ефекти, проблеми со достапноста и трошоците, па затоа се бараат поевтини алтернативи. Сега истражувачи од Универзитетот во Јужна Австралија создадоа ново, природно решение за дебелината, кое не само што ги намалува килограмите и го подобрува метаболичкото здравје, туку доаѓа и без непријатни несакани ефекти.
Направени од растителни влакна (инулин) и комбинација од кокосово масло и масло од палмово јадро (триглицериди со среден ланец или MCT масло), новите микрокапсули InuMCT го намалуваат воспалението и ги подобруваат метаболичките маркери, како што се нивото на гликоза во крвта.
Преку ин виво тестирање во период од 21 ден, студијата покажала дека микрокапсулите InuMCT значително го намалуваат зголемувањето на телесната тежина предизвикано од западниот начин на исхрана после само 21 ден, го намалуваат шеќерот во крвта за 15% и маркерите за воспаление во крвта за 78%.
Истражувачот Амин Ариаи вели дека InuMCT претставува природен пристап кон метаболичкото здравје и состојбите поврзани со дебелината. „Дебелината е глобална епидемија, со повеќе здравствени проблеми кои се протегаат далеку од зголемувањето на телесната тежина. Знаеме дека дебелината е состојба на системско воспаление, кое е резултат на сложена биохемиска патека, а не на едноставен вишок на калории. Но, и покрај ова, сегашните третмани имаат тенденција да ја игнорираат улогата на цревниот микробиом, наместо да се фокусираат на ефектите како што се телесната тежина и хипергликемијата.
Лековите против дебелина, исто така, имаат тенденција да го нарушат цревниот микробиом, што не само што доведува до непријатни несакани ефекти како гадење, стомачна болка и дијареа, туку може да го влоши и долгорочното воспаление и зголемување на телесната тежина. Нашето истражување го менува ова. Новите микрокапсули InuMCT се создадени од природни производи за храна кои активно промовираат здрав цревен микробиом, го намалуваат воспалението и значително го намалуваат вишокот килограми. А резултатите што ги гледаме се исклучително позитивни, како за слабеење, така и за метаболичко здравје“, вели Амин Ариае.
Помали од црвените крвни зрнца, микрокапсулите InuMCT се создаваат со дисперзија на наноемулзија MCT со течна форма на инулин. Оваа уникатна комбинација ја подобрува нејзината дисперзија и антиинфламаторно дејство во цврста дозирна форма која може да се земе како таблета или капсула.
Вишиот истражувач др. Пол Џојс вели дека комбинирањето на InuMCT со други третмани за дебелина може да го удвои губењето на тежината и долгорочното здравје на цревата.
„Кардиоваскуларните болести, дијабетесот тип 2, мозочниот удар, бубрежните заболувања, па дури и психолошките состојби се поврзани со дебелината. Но, наместо да се справуваме со само еден симптом, како прекумерната тежина, ние преземаме холистички пристап за третман за да се справиме со сè“, вели д-р Џојс и додава дека микрокапсулите InuMCT се остварливо и ефективно средство за таргетирање на дебелината и метаболичките болести, додека истовремено го поддржуваат здравјето на цревата.
Истражувачите сега планираат да го истражат потенцијалот на InuMCT како адјувантна терапија во клинички услови.
Студијата за ова откритие е објавена во списанието Advanced Therapeutics.
(Vidi.hr)
(фото: Pxhere)