По планот за инвестирање во развојот на хуманоидни роботи, компанијата Мeta најави нов грандиозен проект – подводен кабел кој ќе ја опфаќа целата планета. Гигантот Мeta – кој ги поседува Facebook, Instagram и WhatsApp – сака да го прошири своето присуство во областа на технологијата надвор од социјалните мрежи, вклучително и вештачката интелигенција, како и потребната инфраструктура за поддршка.
Проектот Waterworth вклучува изградба и поставување на масивен подводен кабел долг 50.000 километри, кој ќе ја опфаќа целата планета и ќе поврзува пет континенти. Подводниот кабел ќе обезбеди исклучителна поврзаност меѓу петте големи континенти и ќе им помогне на идните планови на Мeta во областа на вештачката интелигенција.
„Проектот ќе овозможи подобра економска соработка, ќе обезбеди дигитално вклучување и ќе отвори можности за технолошки развој во овие области“, велат од Мeta.
Кабелот ќе биде најдолгиот кабел некогаш направен, со структура на влакна од 24 парови, што овозможува поголем капацитет. Подводните кабли станаа исклучително важни во последните децении бидејќи овозможуваат функционирање на бројни дигитални услуги и брз пренос на огромни количини на податоци.
Повеќе од 95% од интернет сообраќајот во светот се пренесува преку подводни кабли. Телекомуникациската компанија Telegeography вели дека во моментов во светот се користат околу 600 подморски кабли. Еден од нив е кабелот 2Africa, финансиран од Мeta и мобилните оператори Orange, Vodafone и China Mobile, кој е долг 45.000 километри и поврзува три континенти.
(RTS)