Почнува изградбата на гасоводниот интерконектор меѓу Македонија и Грција, проект кој власта го претстави како најголемата енергетска инвестиција во последната деценија. Министерството за енергетика, операторот Номагас и изведувачот „Рапид Билд“ денеска го потпишаа договорот за реализација на проектот вреден 59,9 милиони евра.
Интерконекторот од Неготино до Гевгелија кој треба да се поврзе со грчкиот дел што се гради од Неа Месемврија до границата, ќе биде готов за околу две години, а гасоводот ќе биде во функција во 2027 година. Со оваа врска, Македонија ќе може да се снабдува и со природен и со течен гас од терминалите во Ревитуса и Александруполи.
Кумановската компанија „Рапид Билд“ ја доби работата на вториот тендер, со понуда што беше за 12 милиони евра пониска од втората најдобра – српска фирма. Сопственикот Тони Каранфиловски уверува, се стартува веднаш, а ризикот го гледа само во евентуални проблеми со експропријацијата на трасата.
Изградбата е дел од регионален проект со грчкиот оператор ДЕСФА. Финансирањето е обезбедено преку заеми и грантови од меѓународни институции, меѓу кои и Европската инвестициска банка. Почетниот капацитет ќе биде 1,5 милијарди кубни метри гас годишно, со можност за проширување до 3 милијарди. Спроведени се и студии за идно транспортирање на зелен водород.
Со новиот гасовод, Македонија ќе ја намали зависноста од единствениот снабдувач преку Бугарија и ќе добие стабилна основа за енергетска транзиција, поголема конкуренција и безбедност во снабдувањето со гас.
Фото – Wikimedia