Денеска официјално започна реализацијата на инвестицијата на турската компанија „Шахтерм“, која се занимава со изработка на грејачи и отпорници за апарати за домаќинство и бела техника, во рамките на Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) Скопје.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека инвестицијата во почетната фаза ќе достигне 25 милиони евра и ќе отвори 200 нови работни позиции, а во втората фаза вкупната вредност на инвестицијата ќе изнесува 50 милиони евра, а бројот на вработени се очекува да надмине 500.

Инвестицијата подразбира изградба на објект со површина од над 13.000 квадратни метри, кој ќе вклучува и центар за истражување и развој, и ќе претставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од границите на Турција.
Турскиот амбасадор Фатих Улусој изрази задоволство од започнувањето на инвестицијата на „Шахтерм“, компанија која произведува грејачи и отпорници за водечките светски брендови на бела техника и електрични апарати. Тој нагласи дека турските компании играат важна улога во економскиот развој на земјата, обезбедувајќи вработување за 10 илјади луѓе во државата. „И ние ги охрабруваме турските бизнисмени да инвестираат во оваа земја и ќе продолжиме да го правиме тоа.“
„Компанијата Шахтерм, на чија фабрика денес ги поставуваме темелите, ќе го заземе своето место меѓу компаниите кои гордо ја претставуваат нашата земја во Северна Македонија и ќе го зголеми придонесот на нашите компании за економијата на Северна Македонија“, рече Улусој. Тој додаде дека постои заедничка желба трговската размена, која е блиску до 1 милијарда долари, да се зголеми на 2 милијарди долари.
Фарук Шахин, претседател и основач на Шахтерм, ја претстави компанијата, истакнувајќи дека 60 отсто од своето производство го извезува. Компанијата „Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајнот и производството на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство.

„Шахтерм“ во моментов е меѓу петте водечки компании во оваа дејност на глобално ниво, а повеќе од половина од годишното производство е наменето за пазарите надвор од Турција. Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство, како што се „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.