Во Македонија каде енергетиката сѐ уште се смета за „машка“ професија, Министерството за енергетика го води жена. Сања Божиновска има силна академска основа со образование стекнато низ универзитети во Европа и САД и има голема желба да ја отвори широко вратата за што повеќе жени во енергетиката.
Студиравте бизнис администрација и политички науки во Чешка, магистриравте на интернационален бизнис во Холандија, па ја завршивте Програмата за енергетска транзиција и лидерство исто во Холандија, Програмата за жени лидерки на Харвард. Какви се светските искуства, дали и таму енергетиката се смета за „машка“ професија?
Мојот образовен пат беше вистинско патување низ предизвици, но вистинската трансформација започна кога се насочив кон енергетиката, каде бројките за родова застапеност сè уште се диспропорционални. Програмата за енергетска транзиција и лидерство во Холандија ми отвори нови перспективи, но и реалноста дека, како жена, мораш да вложиш дополнителен труд за да бидеш слушната, прифатена и вреднувана подеднакво. Она што ме водеше беше визијата дека жените не само што имаат што да кажат во енергетскиот сектор, туку и нивниот придонес е неопходен за вистинска транзиција – не само енергетска, туку и општествена. На Програмата за жени лидерки на „Харвард“се сретнав со жени од светот кои се соочуваат со слични предизвици, но и ја градат својата сила преку солидарност и лидерство. Научив дека не е доволно само да се биде компетентна, туку и гласна, видлива и подготвена за рушење на бариери.
Треба ли жената да се менува за да се вклопи во тој свет?
Да се биде жена во „машка“ професија не значи да се менуваш себеси за да се вклопиш. Напротив, значи да бидеш автентична, храбра и доследна на својата визија, и преку тоа да го прошируваш просторот за сите млади жени кои размислуваат дали припаѓаат во техничките и енергетските науки. Да, патот беше предизвикувачки, но токму предизвиците ме направија посилна, поупорна и поодлучна да отворам врати за другите.
Не дозволив да бидам дефинирана од предрасудите, туку по резултатите
Дали во текот на Вашата кариера сте се соочиле со родова дискриминација?
Да, за жал, неколкупати, и како студентка, и подоцна во мојата професионална кариера. Тоа не беа секогаш отворени, директни ситуации. Често дискриминацијата се појавува на суптилен начин – преку сомнеж во твојата стручност, игнорирање на мислењето што го даваш на состанок или автоматски ти се доделуваат „помеките“ задачи затоа што си жена.
Како студентка,особено во областите како политички науки и енергетика, се соочував со стереотипи – дека девојките се таму поради квота, а не поради знаење. Ми требаше повеќе труд и енергија за да се докажам дека не сум таму случајно. Тоа создава дополнителен притисок кој не го чувствуваат многу од машките колеги – тие стартуваат со доверба, додека ние мораме прво да ја заслужиме.
Имало слични ситуации и во професионалните средини каде сум работела. Но, таквите моменти не ме демотивираа , ме зајакнаа. Одлучив да не дозволам да бидам дефинирана од предрасудите, туку од резултатите што ги постигнувам. Затоа, активно се залагам за рамноправна застапеност, менторство и промена на културата во енергетскиот сектор.
Сте работеле и како енергетски консултант. Со какви тешкотии се соочува една жена при добивањето на работа во енергетскиот сектор?
При процесот на селекција, не ретко жените се соочуваат со скептицизам – не во однос на формалното образование, туку во однос на „способноста да се снајдат“ во т.н. „тешка“ работна средина, каде често има теренска работа, дежурства, динамика со многу мажи. На некој начин, уште пред да добие шанса, жената мора да ја побие претпоставката дека не е доволно „издржлива“, „строга“, „одлучна“ – карактеристики што погрешно се сметаат за машки предности, а всушност се прашање на личен капацитет, не на пол.
Понекогаш дури и кога ќе се добие работата, жената мора постојано да се докажува повеќе од машките колеги – нејзините грешки се забележуваат повеќе, нејзините успеси се препишуваат на среќа или помош.
Но, колку повеќе жени успеваат да добијат и задржат работни позиции во енергетиката, толку повеќе се менува структурата и културата на секторот. Затоа е важно не само да ги охрабруваме младите жени да аплицираат, туку и свесно да ги поддржиме – преку менторство, рамноправен пристап и позитивни примери.

Знаењето нема пол
И како да се охрабрат младите девојки да изберат технички професии?
Да почнеме со рушење на стереотипите уште од најрана возраст. Првиот чекор е да им покажеме дека знаењето нема пол и дека љубопитноста, логиката и иновацијата се универзални вредности. Мораме да понудиме и инспиративни примери на жени кои успешно работат во енергетиката, машинство, ИКТ, кои се лидерки и истражувачки умови. Многу малку се знае дека Македонија е една од ретките земји каде што бројот на жени истражувачки е над 50 отсто од вкупниот број истражувачи, што е огромен потенцијал. Видливоста на тие улоги е клучна –девојките треба да видат дека успехот е возможен и достижен. Кога ќе видат жена на чело на енергетска компанија, професорка по електротехника, иноваторка во обновливи извори, ќе почнат да се замислуваат себеси во тие улоги.
Образовниот систем треба активно да охрабрува избор на технички насоки преку проекти, програми и менторства кои се насочени кон девојчиња. Родителите и наставниците играат клучна улога – нивната поддршка и охрабрување прават разлика. Често, токму блиската околина несвесно ги насочува девојчињата кон „посоодветни“ или „побезбедни“ професии. Време е да го промениме тој наратив.
И конечно – треба да зборуваме за техничките професии не само низ бројки, туку и низ вредност. Да им објасниме на девојките дека преку инженерство и технологија тие може да решаваат реални проблеми: да градат одржливи системи, да влијаат врз климатските промени, да го подобруваат квалитетот на живот на луѓето.
Што конкретно прави државата да ги поддржи жените во техничките професии?
Министерството за енергетика активно се вклучува во иницијативи како поддршка на младите девојки во СТЕМ професиите преку учество на форуми, отворање на вратите на институциите за практикантски програми и градење на мостови меѓу образованието и индустријата. Ќе бидат отворени менторски програми и програми за практикантство во државните институции и компании, како што се ЕСМ, МЕПСО, МЕМО (Македонската берза на струја), како и во рударскиот сектор.
Преку соработка со ЕУ и регионални иницијативи, како што се „Women in Energy Western Balkans“ и програмите на УНДП и ГИЗ, веќе се отвораат можности за менторство, обуки и вмрежување. Дополнително, факултетите како ФЕИТ и МФС го засилуваат учеството на девојки преку промотивни СТЕМ настани.
Секако, сè уште сме далеку од идеалот и мора да работиме на тоа институционалната поддршка да биде системска и долгорочна. Но, важни е дека институциите веќе ја отвораат оваа тема и праќаме сигнал до младите жени дека има место за нив во енергетиката и дека државата сака да биде партнер во нивниот успех.
Жените застапени со 13,5 проценти во инженерскиот кадар
Дали располагате со конкретни податоци колку има жени вработени во државниот енергетски сектор во Македонија?
Скоро го дознав податокот дека жените во Македонија во просек се застапени со 13,5 проценти во инженерскиот кадар, што е подобро од светскиот просек од 12 проценти. Според моите сознанија и проценки базирани на увид од теренот, жените сочинуваат околу 20 до 25% од вкупно вработените – што е сè уште далеку од рамноправна застапеност. Најчесто жените се повеќе присутни во административните, финансиските или правните служби, отколку во оперативните и технички сектори.
Сепак, охрабрувачки е тоа што сè повеќе жени заземаат одговорни и стратешки позиции во рамки на секторот. Во Министерството со кое раководам, 40 проценти од вработените се жени. Кога целосно ќе биде екипирано, мислам дека ќе дојдеме до процент од 50 проценти со што ќе постигнеме родова избалансираност.
Сметам дека овој процент може и мора да расте – и тоа не само поради родова рамноправност, туку и поради квалитетот што го носат жените во тимовите: дисциплина, долгорочно размислување, посветеност и иновативност.
Жанета Здравковска
Разговорот со Министерката е дел од серијата разговори „Жените во енергетиката: од визија до акција“ кои се реализираат во рамки на проектот на Преда Плус Фондација „Преглед од засегнатите страни за родовата еднаквост за АКТ инвестицискиот план“ (Stakeholder Review on Gender for the ACT Investment Plan), дел од програмата ВОЛКОТ (WOLCOT), реализиран со поддршка на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Фондот за климатски инвестиции (CIF).